Американскиот нафтен пазар тргна по надолна линија откако Саудиска Арабија одлучи да ја намали цената на својата нафта во САД, поткрепувајќи го овој свој чекор со тврдењето дека арапската монархија има поголем интерес кон тоа да си го задржи својо тудел на пазарот, отколку да ја крене цената.
Падот на цената на нафтата на светските берзи продолжува веќе неколку месеци, под влијание на растот на понудата, особено од САД.
Минатата недела ОПЕК одлучи да не ги намалува производствените квоти на „црното злато“, а резултатот од оваа одлука секако ќе биде ново намалување на цените на нафтата до нови рекордни минимални нивоа.
Саудиската државна нафтена компанија „Saudi Aramco“ ги намали цените за јануарска испорака на нафта во САД за од 0,10 до 0,90 американски долари за барел. Освен тоа компанијата ги намали цените и на азиските пазари, но ги зголеми за северозападна Европа и Средоземноморието.
– Намалувањето на нафтените фјучерси во САД е „еквивалентно на објавување на војна на американските производители на нафтени шкрилци. Тие веќе се под тежок удар на ниските цени“, наведено е во извештај на германскиот банкарски концерн „Комерцбанк“.
На берзата во Њујорк, цените на нафтата паднаа на 66,09 долари за еден барел, достигнувајќи го рекордно најниското ниво во последниве пет години. Во Европа, на берзата „ICE Futures Europe“ цената на нафтата од типот „Брент“ падна до 69,06 долари, што е исто така рекордно најниско ниво во последниве пет години.
Саудсика Арабија смета дека цената на еден барел нафта можно е да се стабилизира на ниво од 60 долари, претпоставувајќи дека и таа, но и другите земји производители од Персискиот залив можат да го издржат тој ценовен пад. Тоа, според аналитичарите, имплицира дека, најмалку во краткорочна перспектива, ОПЕК нема да настојува за скратување на производствените квоти, дури и ако цените на „црното злато“ продолжат да паѓаат.
Производството на нафта, во САД, моментно е зголемено до девет милиони барели дневно, за прв пат во изминативе десетина години. Причина за ова се новите технологии за продукција, кои овозможуваат да се добие пристап до нови нафтени слоеви.
Американските нафтени власти соопштуваат дека залихите на сурова нафта и гас достигнале 36,5 милиони барели, што е највисоко ниво сметајќи од 1974 година досега. Заканите од пад на цените на нафтата, пак, ја доведуваат во опасност одржливоста на американската индустрија за производство на нафта од шкрилци. Некои компании од таа бранша веќе ги скратија плановите за капитални расходи за следната година.