Македонската пливачка Анастасија Богдановски успеа да постави нов државен рекорд на 100 метри слободно, со време од 56,12 секунди.
Со овој резултат Богдановски обезбеди Б-олимписка норма во оваа дисциплина, а го освои 35-то место од вкупно 90 натпреварувачки кои се појавија на Светското првенство во спортови на вода во Казан, Русија.
Ова ново постигнување на нашата најдобра пливачка е за 38 стотинки подобро од досегашниот државен рекорд, а е за 22 стотинки подобро од бараната квота за Б-олимписка норма за настап на Олимписките игри 2016 во Рио де Жанеиро.
Претходно Анастасија Богдановски постави нов државен рекорд со исполнета Б-олимписка норма и во трката на 200 метри слободно.
Во последниот настап на македонските претставници на СП во Казан, в недела Марко Блажевски ќе плива во трката на 400 метри мешано.