Јанчев: Има готов проект за дестилана за лозарите да не бидат уценувани, ќе ја направиме сами како општина

Успаевме да ја исполниме речиси целата програма со која настапив во 2017 година на изборите што беше предизвик за понатаму, бидејќи затекнавме една општина многу малку развиена. Почнавме со чистење на фасадата од Шарена револуција, потоа направивме комунално претпријатие кое остварува добивка, успеавме да направиме булевари, градинки, инвестиравме многу во спортот стигавме да даваме субвенции 12 милиони денари. Значи задоволен сум од работата на јавните претпријатија, ама и од направеното, изграденото, рече Митко Јанчев, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Кавадарци на дебатата на МТВ на која учествуваше и кандидатот од СДСМ, Горан Тодоров.

Јанчев информираше дека во дел на гасификација во Кавадарци е се подготвено.

„Направивме проект за 16 километри и ние, односно претпријатието може уште утре да почне со работа. Но, општината работи и на други алтернативни методи на греење, и дава субвенции за истите“,посочи Јанчев.

Говорејќи за делот на загадувањето Јанчев укажа дека она што може да го направи општината го има направено.

„Најголемите загадувачи се домаќинствата, во попладневните часови или оние кои се греат од кумур или јаглен. Паралелно работиме на екологијата што исто така е многу важно. Оттука она што може да го правиме ние како општина сега е паралелно се сади зеленило, се работи на селектирање на отпадот. Сите работи не можеме да ги направиме сами како општина“, рече Јанчев.

Јанчев се осврна и на клучната тема за кавадарчани, грозјето.

„Направен е проект за дестилана, но нема реакција ниту од министерството, ниту владата. Тоа е начин лозарите да се тргнат од приватните винарии и да не бидат уценувани. Сепак со овој проект продолжуваме иако до сега не беше прифатен и ќе ја направиме во идинина и без владата“, укажа Јанчев.

Според Јанчев она што е клучно за една општина е да има градоначалник добар менаџер, ама да добие и надлежности.