
Kога јас го оставив предметот „Империја“, беше во завршница, пред обвинение, каде е сега тој, каде се другите предмети?, праша Катица Јанева во текот на сведочењето во предметот „Рекет“ каде што е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, објави 360 степени.
„Оваа постапка е монтиран случај, не само против мене, јас сум таргетот, туку најважно е СЈО. Јас бев свесна уште кога ме избраа дека ова ќе биде многу тешка задача. Хајката што се водеше против СЈО е монтирана само од страна на Орце Камчев и целото обвинение се заснова на неговото обвинение. Има само шпекулации и негов исказ. Тоа е целта на Камчев. Но, се излажал, сите 171 предмет на број со 91 милион евра замрзнат имот му се предадени на јавното обвинителство. Се надевам дека тие предмети ќе добијат завршница како што заслужуваат“, рече Јанева.
Таа праша и зошто кога обвинителството влегло во нејзиниот дом и канцеларии не се заинтересирало и за истрагата за „Империја“, туку важно било само да се обвини таа.
„Влегоа и во Гевгелија, и двапати во станот во Скопје, и во работните простории, сите телефони и компјутери ми ги зедоа и сите наредби за вештачења сега се повлечени. Не најдоа ништо, најдоа само посветена работа и слики од внуката“, рече Јанева.
Нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска ја праша и дали како специјален јавен обвинител некогаш презела дејствие со кое лицето Јордан Камчев ќе го привилегира, ќе му даде својство на соработник или ќе му понуди спогодба за полесни кривични дела и ќе плати само отштета.
„Никогаш, ќе се заколнам и во своите деца, не сум му понудила такви работи“, рече обвинетата.
Во текот на давањето на исказот таа се бранеше и со тоа дека се апсурдни обвинувањата дека го прекршила законот со своето постапување и дека е срамота што е определен притвор од 9 месеци за издадено мислење, кога од друга страна Врховниот суд е тој што донел начелно правно мислење со кое ги ослободил лицата во предметите покренати по рокот од 18 месеци.
„Испадна дека само Катица Јанева треба да одговара. Нека одговара, повелете, ви стојам на располагање. Ако треба обвинителката Катица Јанева, која во четири години ги обвини сите што треба да одговараат, нека одговара. Ако така ќе дојде правдата, тогаш и јас сум задоволна“, рече Јанева.
За нејзиното позитивно мислење за Камчев за куќен притвор и за времен пасош, таа направи паралела со случајот „Рекет“ и замената на притворот со куќен на Зоран Милески-Кичеец.
„Сакам да направам една паралела со постапување на обвинителството за Зоран Милески. За истото лице јавното обвинителство даде позитивно мислење да излезе од притвор додека траеше истрагата без променети околности и тоа не се смета за злоупотреба на службената положба и овластување“, рече поранешната специјална обвинителка.