Јаневска: Немањето учебници е огромен проблем, а тие што ги има се неквалитетни

Решенија има, но треба да има волја и идеи како да се надмине. Учебниците се огромен проблем, гледам се помодерно станува да се каже дека наставникот треба да знае да предава без учебник, но тие не се само за наставниците, туку и за учениците. Учебници не само што нема туку и тие што ги има се неквалитетни, изјави Весна Јаневска, претседателка на Комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ во дневникот на Сител во врска со проблемот на немање на учебници кој постои подолг период.

Јаневска истакна дека власта не смее да ги лиши учениците од учебници затоа што книгата е богатство кое нуди информации, знаење, развива мислење, поставува прашања и нуди одговори, го формира јазикот и елоквентноста на личноста.

Во врска со тоа кој ќе одговара за учебниците полни со грешки, таа посочи дека сведоци сме како е селективна казнивоста во моментов во Македонија и бидејќи во тој синџир за учебниците се повеќе чинители, нема да видиме одговорност.

„Бидејќи многу чинители се во синџирот на одговорност не верувам дека некој ќе побара одговорност, Не може да се сведе на една алка, кога ги има 10, а не сите подлежат на казнивост во оваа држава, каде за селектирани личности казнивост нема. Не треба одговорноста да се префрла само на одредени лица, сите требало максимално да бидат одговорни. За жал, учебници не само што нема, туку и тие што ги има се неквалитетни“, рече Јаневска.

За изгубените часови поради дојавите за бомби, таа нагласи дека тие не се надокнадени, МОН е без препораки.

„Учениците изгубија многу часови и тоа не е надокнадено. Некои наставници може набрзина да го предадат материјалот, но тоа не е квалитетно образование, а гледаме министерството нема препораки и се префрла одговорноста на училиштата“, истакна Јаневска.