Јаневска: Вработените во училиштата, во градинките имаат со Устав  загарантирано право на штрајк

Вработените во образованието, во училиштата, во градинките,  имаат со Устав  загарантирано право на штрајк. Синдикатот има обврска но и морално право да го организира штрајкот. Наставниците имаат право на нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата. Наставниците имаат право на покачување на платите согласно Колективниот договор. Тие тоа и го заслужуваат, истакна во неделата Весна Јаневска од претседателка на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

Предупреди дека Владата, наместо да се заканува и да врши притисоци врз вработените во образованието, треба да се потруди да ги исполни нивните барања, да им го даде тоа што им следува и да го исполни тоа што владата го прифатила со колективните договори.

„ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува вработените во образованието во нивното барање и во нивниот штрак. ВМРО-ДПМНЕ смета дека нивните барања се оправдани. ВМРО-ДПМНЕ  не прифаќа образложенија од Владата дека во буџетот нема средства. Средства има, но тие се трошат на апетисани, скапи есцајзи, нови возила, мебел, скапи ручеци и матни зделки на владините функционери“, рече Јаневска.

Оцени дека актуелната влада и не може и не сака да се справува со предизвиците кои ги носи ова тешко време, како и дека нејзиното владеење е врз грбот на обичниот работник „кој одвај го издржува товарот“.

„Владата на СДСМ и ДУИ не смее вината за галопирачката инфлација во која горивата се покачија за 70% струјата се покачи за 30%, парното за 15%, лебот за дури 110%, маслото за јадење за 30% и сите основни намирници за околу 30 до 50% да ја наметнуваат врз оние коишто си ги бараат правата, а протестираат заради се потешкиот живот. Работниците, се доведени на работ на сиромаштијата, а некои и до работ на опстанокот“, додаде Јаневска.

Истакна дека незадоволството меѓу граѓаните е „огромно“ и потсети дека овој периот штрајкуваат државните службеници, матичните лекари, вработените во пошта, штрајкуваат и просветните работници, вработени во градинките, училиштата и научните работници.

„Наставниците на кои, ние, во нивни раце им го даваме нашето најголемо богатство, нашите деца, претрпеа многу од пандемијата, од бизарната образовна реформа, од немањето средства за работа. Единствено што добија беше груба партизација при вработувањата, трансформацијата на работниот однос и при изборите на ментори. Ако некој од нив и го кренеше гласот, следеше малтретирање, мобинг и нивните поплаки беа проследени со лажни вести дека се’ е во ред“, рече Јаневска.

Посочи дека сосема е разбирлива одлуката за штрајк на кадарот во образованието поради „срамно ниските плати и урамниловката“ со која владата на СДСМ и ДУИ „дополнително ја понижува племенитата професија“.

Јаневска додаде дека решението за таквата состојба е многу едноставно – предвремени парламентарни избори.