Македонскиот тренер Чедомир Јаневски ќе има нова улога во кариерата и ќе биде дел од стручниот штаб на репрезентацијата на Јужоафриканската Република.
Јаневски, кој има 59 години и последната сезона ја мина на клупата на Олимпијакос Никозија со која оствари солидни резултати, ќе биде асистент во африканската фудбалска селекција каде како прв тренер работи Хуго Брос.
Брос веќе го формира стручниот штаб, а Јаневски третпат ќе биде асистент во кариерата, по договорите со грчки Олимпијакос (2005-2007) и Гент (2007-2008), ама првпат во еден национален тим.
Чедомир Јаневски кариерата ја заврши во 1999 година во Даринг Клаб Бланкенберге, тим во кој ја почна тренерската авантура. Тој ги водеше и младинскиот тим на Клуб Бриж, Гент, Ал-Шаб, Црвена Звезда, Енозис, Етникос Ахна, Монс, Мускрон, Васланд-Беверен, Вардар, Исмаили, повторно Енозис и сега Олимпијакос Никозија.
Беше и селектор на Македонија, во периодот од 2012 до 2013 година.