Ангеловска: Имаме три сценарија за справување со последиците од коронавирусот

78

Министерството за финасии има три основни сценарија – поволно, неповолно и најнеповолно за справување со последиците што ги предизвика коронавирусот во економијата, а најголемиот удар во сите се очекува во вториот квартал од годинава, најави денеска министерката за финасии Нина Ангеловска.

-Многу е тешко за економските аналитичари, вклучително и за меѓународните финансиски институции,  да ги предвидат случувањата. Ова се должи на самиот карактер на кризата, затоа и нашите сценарија постојано се обновуваат, па така од секое сценарио имаме повеќе верзии. Главно, имаме три основни сценарија: поволно, неповолно и најнеповолно. Кај првото сценарио – поволното, предвиден е пад од 20 отсто на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра, односно за толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање, рече Ангеловска на денешната прес-конфернција.

Кај второто сценарио – неповолното, потенцира, падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30 отсто со што потребите би се зголемиле за околу една милијарда евра. И кај третото најнеповолното доколку приходите паднат 40 отсто, дополнителните потреби би биле околу 1,3 милијарди евра.

– Кај сите сценарија најголемиот пад на даноците се очекува во вториот квартал од 40 до 65 отсто во однос на претхосната година, додека претпоставките за третиот и четвртиот квартал се разликуваат согласно кога би започнал периодот на економско заздравување и стабилизација. Важно е да сме подготвени и за најлошото сценарио, а секако да преземаме мерки и да повлекуваме соодветни чекори за да се случи најдоброто, посочи Ангеловска.

Будното следење, агилноста и флексибилноста на владите, нагласи, се клучни за делување  и справување со овој здравствено-економски шок.

-За секое од трите сценарија подготовуваме и сценарија за финансирање. Непредвидливоста и ранливоста на пазарите на капитал носи голем предизвик и при креирање на овие сценарија. Во тек е постапка за обезбедување на средства од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и инструментот премостување до обврзница. Постапките се во тек и се очекува до мај да ги обезбедиме овие средства во висина од 600 милиони евра за кои беше соопштено дека се доволни за да се финансира реализацијата на расходната страна, економските мерки, како и евентуалните дополнителни поотреби на страната на здравствениот сектор. Секако дека тоа зависи од кое од овие три сценарија ќе се реализира, потенцира Ангеловска.

Заемот за премостување до еврообврзница,  во висина од 400 милиони евра, како што кажа, се реализира преку комерцијалните банки, веќе е пратено барање за изразување интерес, а рокот за одговор е до утре.

-Барањето кое е испратено за 400 милиони евра, плус дополнителните средства од Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка во износ од 200 милиони евра прават да зборуваме за пакет од 600 милиони евра. Еврообврзницата во износ од 500 милиони евра за редовното и нормално финансирање на Буџетот со дефицит од 300 милиони евра требаше да се издава кон крајот на годината. Сега велиме дека овие 500 милиони евра, што требаше да се обезбедат во четрвтиот квартал, се обезбедуваат порано и зборуваме за 600 милиони евра или за 100 милиони евра плус, што не значи дека толку повеќе пари ќе се потрошат и за толку ќе се зголеми расходната страна. Тоа значи дека зголемувањето на потребата за финансирање зависи од тоа колку ќе паднат и ќе се намалат приходите, рече Ангеловска и додаде дека е реално да се зборува за издавање  еврообврзница со поголем износ од 500 милиони евра што ќе зависи од тоа кое од трите сценарија ќе биде реализирано.

Таа посочи дека ликвидноста на Буџетот во првите два месеца од годинава беше одлична, како и на почетокот на март.

-Наплатата на вкупните приходи во јануари беше за 4,6 отсто, а во февруари за 4,0 отсто повисока во однос на минатата година. При тоа во јануари порастот на даноците и придонесите е 10,7 отсто, додека во февруари за 6,1 процент што беа во рамки на проекциите за овие месеци. Позитивните движења продолжија во првата половина од март, рече Ангеловска.

Преземањето на мерките за заштита од ширење на Covid-19 и ставајќи го здравјето на граѓаните на прво место, потенцира, делуваше на намалување на економската активност, што очекувано почна да се рефлектира на полнењето на буџетската каса.

-Почнувајќи од 20 март, односно кога почнуваат да се чуствуваат ефектите од здравствените мерки преземени за спречување на ширење на коронавирусот, се забележува остар пад на даночните приходи од околу 25 отсто дневно. Ова доведе до пад на вкупните даночни приходи за март за 11 проценти во однос на претходната година. Тоа се должи на падот на наплата на ДДВ за март за 17 проценти, падот на акцизата за 11проценти, падот кај данокот на добивка за 11проценти и тоа со предвреме уплатена аконтација од општествено одговорни компании во контекст на помош за коронакризата, појасни Ангеловска.

Проектираните приходи за 2020 пред кризата, како што појасни, беа 3,6 милијарди евра, додека расходите беа предвидени на 3,9 милијарди евра.

-Согласно тоа проектираниот дефицит за годинава изнесуваше околу 283 милиони евра. Колку сега ќе биде повисок дефицитот зависи од тоа колку ќе падне наплатата на приходите. Што се однесува до расходната страна и покрај предвидените зголемени потреби за здравствениот сектор, како и економските мерки кои ќе се преземаат со цел амортизирање на ударот врз економијата, сите сценарија предвидуваат речиси целосна реализација на расходната страна во износ, односно да остане 3,9 милијарди евра. Но значајно ќе се промени структурата на расходната страна со реалокации на буџетските ставки со цел дополнително обезбедување на здравствениот сектор пред се, а потоа и реализација на економски мерки за амортизирање на ударот, рече Ангеловска.

Најави дека ќе има реалокации, пренамени и кратења на непродутивни расходи, и додаде дека тоа ќе биде предложено на денешната седница на Владата.

-Како ќе излеземе од коронакризата зависи од сите нас. Ако сите се однесуваме одговорно и дисциплинирано здравствената криза ќе заврши побрзо, а со тоа и здравствените мерки кои ја успоруваат и запираат економската активност. Со двата пакета економски мерки имаме за цел да го амортизираме ударот врз стопанството, да ги заштитиме работните места, како и социјалната стабилност во земјава. Како што се развива ситуацијата ќе се преземаат и нови мерки и активности, се со цел максимално да се амортизира ударот од коронакризата врз стопанството и граѓаните, посочи Ангеловска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.