Македонскиот фудбалски селектор Игор Ангеловски ја одведе Македонија до историски успех, а по натпреварот имаше само благодарност за своите играчи.
@Благодарен сум му на секој фудбалер, ја оправдаа мојата доверба до крај и ми потврдија дека сум ги донел вистинските одлуки. Благодарност и до Барди и другите момци кои денеска не можеа да ни помогнат, тие исто така имаат големи заслуги за нашиот успех. Ние имаме еден Александар Велики што ни го оспоруваат, ама Горан Велики не можат да ни го оспорат#, порача Ангеловски на прес-конференцијата по историската победа.
Горан Пандев, капитенот на Македонија и стрелец на победничкиот гол, вели дека е пресреќен откако со гол против Грузија ги однесе „црвено-жолтите” до историски настап на Европско првенство.
„Сум играл многу вакви натпревари досега, ама никогаш не сум бил среќен како денес. Мислам дека со моето искуство му помогнав на тимот да ја оствариме историската цел, а тоа е настап на Европското првенство“, рече Пандев по победата.