Анѓушев тврди дека уредно пријавил се’ во Антикорупциска

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, не негира дека поседува приватна фирма во  Панчево („Brako Wire Products“ ДОО Панчево) која е основана на 5 јули 2005 година, но, тврди дека е уредно пријавена во Анкетниот лист на Државна комисија за спречување корупција.

Во телефонски разговор за Нетпрес, Анѓушев вели дека во Анкетниот лист се пријавени уделите во „Фероинвест“, фирма кој има удел во „Брако Велес“, а, пак „Брако Велес“ има удели во фабриката во Панчево. Тој посочува дека се’ е регуларно пријавено и не треба постои никаков сомнеж за изигрување на законот.

Според приказот во неговиот Анкетниот лист, има наведено удели како личен имот и имот на неговата сопруга, но, сепак, фирми во странство, нема.
Во изјавата која ја поднел, а која може да се провери на веб страницата на комисијата, сепак, тој испуштил да наведе дел од неговата сопственост.

Како државен службеник, тој е должен да поднесе детален приказ на неговата имотна состојба во Антикорупциската комисија.
Според Законот, секој функционер мора да пријави и секакви промени во имотната состојба во Антикорупциската комисија кои ја надминуваат вредноста од 20 просечни плати.

Анѓушев, освен во Србија, свои бизнис активности, своевремено, имал и во Бугарија, каде е еден од основачите на компанијата „Брако Бугарија“.