Владата на денешната седница одлучи да му препорача на Надзорниот одбор на „Пошта на Северна Македонија“ да го отповика Јани Макрадули од функциите претседател на Управниот одбор и генерален директор на ова акционерско друштво.
За нов директор, пак, Владата предлага Надзорниот одбор да го избере Васко Стефанов, кој досега беше заменик-директор на Агенцијата за вработување, од којашто функција денеска е разрешен.
Токму во „Пошта“ минатата недела вработените почнаа штрајк за зголемување на платите, а истиот ден на средба со Управниот одбор на која присуствуваше и Макрадули тие како понуда добија компромисно решение – наместо покачувањето на платите да биде веднаш, тоа да биде етапно, прво за вработените во технолошкиот процес, а потоа и за администрацијата.
„Нивниот предлог е линеарно зголемување на платите, првенствено на технолошкиот процес од 1.6.2022, и со оглед на финансиските можности за останатите вработени во администрација да биде од 1.8.2022. Денеска, штом со синдикалните одбори ја добиеме понудата, ќе седнеме да разговараме за прифаќање, ќе подготвиме спогодба и доколку се прифати понудата од Управниот одбор и потпишување на спогодбата, штрајкот ќе биде прекинат. Дотогаш штрајкот ќе биде во тек. Се исполнува нашето барање со компромис согласно финансиските можности, нашето барање е покачувањето да биде веднаш, но и ние како синдикати треба да имаме разбирање. Денеска ќе имаме одбор на синдикалните организации, не можеме сами да одлучиле, ќе се направат консултации и ќе бидете навремено информирани“, изјави претседателот на синдикалната организација на „Пошта“, Боро Велигденов, по средба со Макрадули и Управниот одбор.