Анкета CNN: Повеќето Американци се противат на дополнителна воена помош за Украина

Повеќето Американци се противат на тоа Конгресот да одобри дополнителни финансиски средства за поддршка на Украина во војната со Русија, покажува новата анкета на американската телелвизиска мрежа CNN која ја спровел SSRS, додека јавноста е поделена околу тоа дали САД веќе доволно ѝ помогнале на Украина.

Според резултатите од анкетата, 55 отсто од Американците сметаат дека Конгресот не би требало да одобри дополнително финансирање за воена поддршка на Украина, додека 45 проценти велат дека би требало да го стори тоа.

Повеќето од половината Американци, односно 51 отсто, сметаат дека САД веќе доволно сториле да ѝ помогнат на Украина, додека 48 осто сметаат дека би требало да сторат повеќе.

За споредба, во анкетата спроведена во првите денови од руската инвазија кон крајот на февруари 2022 година, 62 осто од испитаниците сметале дека САД треба да сторат повеќе за помош на Украина.

Меѓутоа, меѓупартиските поделби се зголемиле од споменатата анкета, така што повеќето демократи и републиканци сега се на спротивнисте страни по прашањата за улогата на САД во војната во Украина.

Републиканците главно сметаат дека Конгресот не би требало да одобри ново финансирање на помошта, дури 78 отсто, како и дека САД сториле доволно за да ѝ помогнат на Украина, односно 59 отсто. Меѓу демократите на претседателот Џо Бајден, пак, мнозинството го велат спротивното: 62 отсто се за дополнителното финасирање, а 61 отсто сметаат дека САД треба да сторат повеќе во поддршката на Украина.

Анкетата за CNN ја спровела компанијата SSRS во периодот од 1-ви до 31-ви јули меѓу 1.279 возрасни американски гласачи. Маргината на статистичката грешка од 3,7-процентни поени

Во една од порано објавените анкети што ја спровеле весникот The New York Times и институтот за истражување на јавното мнение Siena College poll, речиси 40 отсто од Американците не поддржуваа доделување дополнителна воена и економска помош на Украина.