Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е перцепиран како најрелигиозен политичар во земјава, наспроти Димитар Апасиев од Левица, за кого впечатокот е дека е најмалку религиозен, според резултатите од анкетата на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) и интернет порталот Религија.
Истражувањето, како што се посочува, е финансиски поддржано од Фондацијата „Конрад Аденауер“, во рамки на проектот „Република Северна Македонија како мултиконфесионално општесАпасиев е
Вкупно 56 отсто од испитаниците го оцениле Мицкоски како „многу и донекаде религиозен“, а 30,9 отсто така се изјасниле за Апасиев. Притоа, се потенцира дека религиозноста кај политичарите повеќе ја перцепираат испитаници од спротивна верска определба. Така, поголем е бројот на муслимани кои сметаат дека религиозноста е карактеристика на македонските политичари, како што и поголем број христијани сметаат дека религиозноста е карактеристика на албанските политичари.
„Процентот на муслимани кои веруваат дека албанските политичари се религиозни е помал, исто како што е помал и процентот на христијани кои веруваат во религиозноста на македонските политичари“, се вели во анализата на истражувањето.
Релативно е висок процентот на испитаници кои сметаат дека религијата е употребена во кампањата за време на последните избори, што наметнува претпоставка дека политичките партии се уште сметаат дека може да привлечат гласови апелирајќи на религиозните чувства на граѓаните, иако споредено со изборите во 2017 (кога било правено слично истражување) се забележува одредено намалување во перцепцијата на граѓаните околу користење на религија во политичките кампањи.
Средната оценка за користење на религијата во предизборните кампањи е највисока (2.86) кај политичката партија Беса, а најмала (1,95) кај политичката партија Левица. Перцепцијата за сите партии е дека ја поддржуваат религијата, иако за Левица, која има средна оцена од 2,62 и СДСМ со средна оцена од 2,42 ,може да се заклучи дека се перцепирани како партии кои имаат повеќе неутрален однос кон религијата, покажало истражувањето на јавното мислење.
Анализата на ова истражување покажува и дека, се забележува релативно голема дискрепанца меѓу православните и муслиманските испитаници и тренд кој кај православните значи намалување на перцепцијата на одобрување на праќање политички пораки од страна на верските лидери, додека кај муслиманите овој тренд е обратен и со тоа го зголемува јазот во перцепциите по однос на ова прашање.
„Перцепцијата на повеќето граѓани е дека верските заедници имаат позитивна улога во општеството, што е особено видливо кај муслиманите, иако не е занемарлив бројот и на оние кои мислат дека тие прават повеќе штета отколку корист, при што процентот е релативно висок особено кај православните христијани. Кај православните христијани степенот на позитивна перцепција во однос на придонесот на верските заедници во зближување на луѓето е скоро идентичен со степенот на негативна перцепција, за разлика од муслиманите каде повеќето сметаат дека верските заедници повеќе ги зближуваат отколку што ги раздвојуваат луѓето“, се наведува во анализата.
Анкетата е спроведена телефонски од 20 до 25 јули, на репрезентативен примерок од 1.110 испитаници.
Резултатите упатуваат на тоа дека секој втор гласач на изборите во земјава не би гласал за политичар од друга вера, додека секој трет гласач нема таков проблем. Генерално, граѓаните се против користење на религија и религиозните симболи во политичка кампања. Истражувањето насловено „Употреба на религија во политички кампањи“, покажало дека 57,5 отсто од испитаниците на избори не би гласале за политичар кој е „верски различен“, додека 33,3 отсто немаат таков проблем. Овој став подеднакво го делат и муслиманите и христијаните.