
Најголемиот дел од испитаниците во анкетата на ВМРО-ДПМНЕ, потврдиле дека во моментов со исти пари можат да купат двојно помалку производи во продавниците.
Партијата ги објави одговорите од трите анкетни прашалници кои беа доставени до граѓаните на клучни места со најголема фреквенција на луѓе, пред маркетите, пред институциите и пред патарините.
– Ќе ви ги соопштам одговорите кои ги добиваме од анкетниот прашалник кој беше поделен пред маркетите ширум државата, од кои досега се стигнати над 50.000 примероци. На прашањето дали со пазарењето граѓаните ги задоволиле своите егзистенцијални потреби на неделно ниво, 70% од граѓаните одговориле дека воопшто не ги задоволиле, 17% делумно и 13% целосно ги задоволиле своите потреби. Одговорот зошто резултатите на ова прашање се вакви го добиваме во одговорот на следното прашање. А тоа е која е причината поради која пазарите помалку? Фрапантни 85% одговориле затоа што цените се поскапи, а трошоците за живот превисоки. 9% одговориле дека пазарат исти количини, а 7% одговориле дека имаат помали потреби во семејството. Потврда дека животот е сè полош со оваа власт е и одговорот на прашањето дали минатата година со истите пари граѓаните ја пополниле истата кошница, каде 94% од граѓаните одговориле дека истата е за половина попразна – вели Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа дополни дека дури 81 отсто од испитаниците, одговориле дека Владата е таа која не презема ништо и заради која цените се високи.