Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи на рочиштето во судскиот процес за незаконското прислушување „Таргет-Тврдина“ во своите завршни зборови истакна дека нема ни логика, ни поткрепа во обвинението дека помагала да се уништат системите за следење на комуникации како што ја терети Обвинителството.
– Јас најмалку сум имала мотив за овој монструизен чин на масовно кршење на човековите права. Јас и моето семејство трпиме огромни последици, јас како жртва добив обвинение. Мојата совест е чиста. Почитувани судии не дозволувајте нечија желба за одмазда да ја потисне правдата бидејќи само вие имате моќ да донесете праведна одлука – со растреперен глас рече Јанкулоска.
Објавувањето на приватни комуникации и разговори кои и денес се присутни како и медиумскиот линч кон мене, се само дел од последиците кои ги трпиме, додаде Јанкулоска, која е на издржување на затворската казна за случајот „Тенк“.
– Затоа што сум дел од оние кои биле прислушувани, имам многу силен мотив сторителите да бидат казнети. Но, наместо да добијам шанса да бидам во листата на жртвите, јас добив обвинение и барање за долгогодишна затворска казна – рече Јанкулоска и побара од судот ослободителна пресуда.
– Кривичното дело кое Јавното обвинителство ми го става на товар не сум го сторила. Имате доволно докази правилно да процените и да ја донесете единствената можна пресуда, а во мојот случај тоа е ослободителна пресуда.
Таа образложи дека нема докази во обвинението и дека како министерка за внатрешни работи не му наложила на Секторот за правни работи да подготви решение за да се формира Комисијата за попис, расходување, уништување и бришење од евиденција на системи и техничка опрема во УБК и дека спротивно на Упатството за вршење на попис ја формирала Комисијата, со што го сторила кривичното дело – злоупотреба на службената положба и овластување.
– Јас лично сум жртва на незаконското прислушување и имам над 23 илјади прислушувани разговори од моите телефонски броеви и уште толку СМС пораки – додаде Јанкулоска.
Таа, повикувајќи се на изјави на сведоци дадени во текот на судскиот процес објасни дека Комисијата не работела самостојно, туку по насоки што ги давал Горан Грујевски, поранешен началник на Петтата управа во МВР кој е во бегство. Јанкулоска потсети на сведочењето на раководителката на правната служба Весна Доревска, пред да биде поднесен предлогот од УБК, дека Горан Грујевски се јавил во правниот сектор со забелешка дека не постапиле по нивното барање, но откако била направена проверка на деловодните книги се утврдило дека немало такво барање. Јанкулоска рече дека, дури откако вработена во УБК инервенирала во правната служба и откако настанала расправија, правниците го направиле решението за Комисијата, а дека тогашната министерка, немала никаква комуникација со Правниот сектор, ниту пак можела да знае дека станува збор за опрема за следење на комуникации, тоа не било наложено во решението за формирање на комисијата, што го потпишала.
Јанкуловска објасни дека потпишаното решение е за формирање на Комисија во УБК за попис, расходување и ништење од листата на задолжување на опрема и технички средства во УБК и доколку констатира нејзина застареност, да изврши и ништење на сета опрема, а не за уништување на конкретна опрема.
– Повеќе од јасно е дека од ова решение не произлегување дека Комисијата треба да прави уништување на конкретна опрема, туку да направи попис, па потоа ако утврди техничка застарност да изврши утврдување на таква опрема. Ако комисијата направи попис и не утврди постоење на застарена опрема, не требало да пристапи кон ништење на опремата. Самите членови на Комисијата, потврдија дека од мене не добиле никакви насоки – рече поранешната министерка.
Јанкулоска рече дека прво треба да се докаже дека со ништењето на опремата е сторена злоупотреба, па потоа таа да биде обвинета дека им помагала на Грујевски и на Тони Јакимовски, тогаш заменик шеф на УБК. Јанкулоска додаде дека системите за прислушување за кои таа ставила потпис да се уништат, имале вредност 1 денар. Системот, како што потсети Јанкулоска на изјави на сведоци, не бил функционален, односно не можел да ја следи ниту комуникацијата на Фејсбук, Вибер, Телеграм, Ватсап.
– Сето ова го потврдија и вештите лица Кире Јакимовски, Мирослав Костовски и Орце Симов. Јакимовски ги образложи недостатоците на системот од аспект на застареност и од аспект на функционирање дека не можел да пресретнува никаков сообраќај преку интернет. Во заклучното согледување констатира дека „Најс трак“ сисемот не функционира, како што е понудено во договорот, туку со недостатоци. Костовски, напомена дека системот воопшто не бил надградуван и имал големи недостатоци во 2014 и 2015 година, бидејќи сите комуникации одат преку интернет, а тој воопшто немал можност да пресретне таква комуникација. Симов, пак разјасни дека клучните компоненти на системот имале истекување на сервисниот период во 2014, а некои во 2015 година, и дека ако еден од компонентите има завршен животен век, завршува животниот век на целиот систем – рече Јанкулоска.
Судењето за незаконското прислушување почна на 22 декември 2017 година.
Обвинителниот акт вели дека преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби, а 1.541 број и по завршување на траењето на важноста на судските наредби.
Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. Обвинителството, во завршен збор на минатото рочиште, посочи дека и покрај сите пречки со кои се соочувале во истрагата успеале да докажат дека обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат и побара максимални затворски казни.
Претставникот на Агенцијата за национална безбедност рече дека Агенција останува на имотно-правното побарување од 1.418.897 евра.
Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов.