Јанкуловски: Со отворањето на вакциналниот пункт на УКИМ ќе се забрза процесот на вакцинација на студентите и вработените

Да се олесни и забрза процесот на вакцинација на студентите и вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е целта новиот пункт за вакцинација што ќе биде отворен до крајот на оваа недела во кампусот на општествените науки на приземјето на Економскиот факултет. Веќе е обезбеден простор и соодветна опрема за таа намена.

Ова денеска го соопшти ректорот на Универзитетот, проф.д-р Никола Јанкуловски, кој истакнува дека вакциналниот пунк ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 14 часот и во него ќе работат обучени лица, двајца доктори и две сестри од поликлиниката на Универзитетот. Просторот е снабден со информатичка, како и медицинска опрема согласно постојниот протокол и потребите. 

Согласно актуелната епидемиолошка состојба во државата и согласно заклучокот на Ректорската управа на Универзитетот донесен на вонредната сеница одржана на 23 август, УКИМ побара од Министерството за здравство да овозможи отворање на вакцинален пункт на Универзитетот заради омасовување на вакцинацијата во академската средина. Вакцините и друга стручна помош ќе бидат обезбедени од Министерството за здравство, информира проф.д-р Јанкуловски.