Францускиот фудбалски великан Монако во саботата објави дека за нов тренер на првиот тим го именувал својот поранешен играч и некогашен француски репрезентативец 41-годишниот Тиери Анри.
За Тиери Анри водењето на Монако ќе биде првата самостојна тренерска работа откако минатите две години беше помошник на белгискиот селектор Роберт Мартинез, а со клубот од кнежевството потпишал договор до летото 2021 година.
Анри на клупата на Монако ќе го замени Португалецот Леонародо Жардим, кој доби отказ порадо лошиот почеток на сезоната во францускиот шампионат. Монако по девет кола се наоѓа дури на 18-то место на табелата со само шест освоени бодови. Жардим го водеше Монако од летото 2014 година и со овој клуб ја освои шампионската титула во 2017 година во Франција, а истата година стаса и до полуфиналето од Лигата на шампионите.
„Познавањето на фудбалот од страна на Тиери, неговата страст кон играта, високите стандарди и посветеноста на боите на нашиог клуб доведоа до тоа да го именуваме за тренер. Тој може да се потпре на нашата поддршка во носењето на нова динамика во екипата“, изјави потпретседателот и извршен директор на Монако, Вадим Василјев.
„Пренствено сакам да му се заблагодарам на Монако на укажаната шанса да го тренирам клубот кој многу ми значи. Многу сум среќен што се вратив во Монако и решителен сум да го прифатам предизвикот. Одвај чекам да се запознаам со играчите и да започнам со работата“, изјави Анри.
Анри за Монако играше од 1993 до 1999 година кога мина во Јувентус во чија екипа се задржа само шест месеци пред да премине во Арсенал каде што помина најголем дел од играчката кариера. Од 2007 до 2010 година Анри настапуваше за Барселона за по четири години да стане член на Њујорк Ред Булс.
За репрезетацијата на Франција Тиери Анри запиша 123 настапи на коишто постигна 51 погодок, а беше член на селекцијата којашто во 1998 година на домашен терен ја освои титулата светски првак а во 2000 година и насловот европски шампион.
Во текот на играчката кариера со Монако беше првак на Франција во 1997 година, со Арсенал првак на Англија во 2002 и 2004 година, а го освојуваше и англискиот ФА куп во 2002 и 2003 година, додека со Барселона ги освои Лигата на шампионите во 2009 година, шпанското првенство во 2009 и 2010 година, како и Купот на кралот во 2009 година.