Словенечката влада не успеа да натера дипломат да замине во Киев како привремен вршител на должност на амбасадата во Украина, па функцијата ќе ја преземе потполковникот на словенечката армија, објавија денеска словенечките медиуми.
Според ПОП-ТВ, премиерот Јанез Јанша не успеал да најде доброволец во Министерството за надворешни работи да замине во Киев, па владата се обратила до Министерството за одбрана.
Договорено е должноста началник да ја преземе офицер со чин потполковник кој привремено ќе биде вработен во МНР и со соодветна екипа да биде испратен во Киев.
На денешната седница треба да биде донесена одлуката за испраќање на привремениот вршител на должност и владиниот тим, а премиерот Јанша утре на вонредна седница во Брисел ќе ги информира лидерите на НАТО и ЕУ.
Станува збор за напорите на Јанша, кој неодамна го посети Киев со полскиот и чешкиот премиер, да испрати „невообичаена воено дипломатска мисија“ во главниот град на Украина, која нема да има голем дел од вообичаената дипломатска работа, но присуството ќе биде силен симбол на поддршка за Украина, иако носи и многу ризик“, наведува ПОП-ТВ.