Австрискиот министер за здравство Рудолф Аншобер денеска изјави дека уредбата за проширување на листата за забрана за слетување на авиони од земјите од Западен Балкан не значи и затворање на границите за тие држави.
– Сакаме да не дојде до никаков ризик. Планираме да ги интензивираме контролите и да преземеме мерки, истакна Аншобер во Париз.
Tој додаде дека Австрија понудила поддршка за најпогодените држави со Ковид-19.
Со уредба на австриското Министерство за здравство од 16 јули на аеродромите во Австрија ќе биде забрането слетување на авиони од 18 држави, меѓу кои и сите држави од Западен Балкан.
Во Австрија веќе е во сила забраната за слетување на авиони од од Белорусија, Кина, Велика Британија, Иран, Португалија, Русија, Шведска и Украина.
До крајот на јули ќе бидат откажани летовите до и од Белград, Букурешт, Каиро, Подгорица, Сараево, Сибиу, Скопје, Софија, Тирана и Варна.
Според уредбата, постојат исклучоци, но ова вклучува само „летови во интерес на Австрија“, како и слетување на карго-авиони, авиони што пренесуваат болни лица или ги враќаат австриските државјани, односно превезуваат медицински лица, како и работници за помош во земјоделството.