Антикорупционерите бараат соработка од другите институции за предметите од особен јавен интерес

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска во понеделникот посочи дека три години чекаат одговор од Обвинителството за лицата од ДИК кои учествувале во тендерот за печатени материјали за гласање, а половина година за иницијативите за кривична одговорност за донесувањето на Деталниот урбанистички план Ц08 кај Холидеј Ин. Освен од Обвнителството тие бараат проактивност и од Уставниот суд за оценка на уставноста на законистоста на донесениот закон од јавен интерес со номинирање на стратешки партнер за доизградба на коридорите 8 и 10.

„Сметам дека тоа е од особен јавен интерес, за кој што треба Основното јавно обвинителство да се произнесе, бидејќи има низа такви детални урбанистички планови кои што се донесени на ист начин. Од друга страна сметаме дека оценката на Уставниот суд досега требаше да ја добиеме. Уште летото го дадовме предметот за оценување на уставноста на законот поврзан со Бехтел и Енка, “-Билјана Ивановска – ДКСК.

Ивановска истакна дека сѐ уште чекаат одговори по иницијативите за разрешување на одговорни лица и промена на законската регулатива за ограничување на дискреционите права со што ќе се овоможи фер начини на вработување, како и промена на на начинот за избор на директори и членови на управни одбори, како и носењето на законот за потекло на имот.

Работата на Антикорупциска беше оценета како проактивна во најновиот извештај на Европската комисја, но Брисел исто така забележа дека корупцијата во Македонија и натаму е распространета и останува проблем за загриженост.