Антонела Басани-нова потпретседателка на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија

Антонела Басани (Antonella Bassani) е новата потпретседателка за регионот на Европа и Централна Азија (EЦA), и од денес ќе ги предводи стратешките, аналитички и истражувачки активности на Светска банка (СБ), информираат од СБ.
-Особено ми е драго што се придружувам на регионот на Европа и Централна Азија. Ги препознавам големите предизвици со кои се соочуваат нашите земји-клиенти, од зелена транзиција до енергетската безбедност и безбедноста на храната, особено по КОВИД пандемијата и во време на Руската инвазија на Украина. Со нетрпение очекувам да работам заедно со нашите владини соработници, со развојните партнери и со персоналот на Групацијата Светска банка во решавање на овие прашања, рече Басани по назначувањето.
Таа е Италијанка по националност, претходно била потпретседателка при Светска банка за буџет, преглед на резултатите и стратешко планирање. Пред тоа, била на должноста директор за стратегија и операции во два региона на Светска банка (Блискиот Исток и Северна Африка, како и Источна Азија и Пацификот), каде што била одговорна за стратешко управување и поддршка на регионалните тимови во изработка на стратегии, оперативни активности, флексибилно и иновативно финансирање и истражувачка работа. Басани, исто така, била директор задолжена за мобилизирање на ресурси и управувала со надополнување на средства за Меѓународната асоцијација за развој (ИДА), фонд на Банката наменет за најсиромашните.
Новата потпретседателка Басани на оваа позиција носи 30-годишно искуство во развојни активности. Покрај Источна Азија и Пацифик и Блискиот Исток и Северна Африка, таа исто така работела во Супсахарска Африка и Латинска Америка и Карибите, комбинирајќи го оперативното знаења и финансиска стручност од целата институција. Пред да се приклучи на Банката, Басани работела за ОЕЦД во Париз. Докторирала меѓународна економија на Универзитетот Џон Хопкинс.