Апел од Клиниката за хематологија: Не ги одложувајте прегледите поради коронавирусот!

Универзитетската клиника за хематологија апелира до граѓаните кои имаат потреба за преглед или за лекарска консултација да не гo одложуваат одењето на лекар поради стравот од евентуална зараза со коронавирусот затоа што на клиниката строго се почитуваат и спроведуваат сите здравствени протоколи.

Раното дијагностицирање и адекватниот третман на малигните болести се од витално значење, порачуваат лекарите од Хематологија. Ако пациентите се третираат навреме, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг, квалитетен и среќен живот.

Клиниката работи во две смени, со цел прегледите да бидат порелаксирани и безбедни, без гужва, со пократок ред на чекање и да се запази социјалната дистанца, а притоа пациентите да добијат современа и комплетна услуга, по принципот еден пациент во една ординација.

– Завршија времињата кога мораше на преглед пациентите да одат на преглед рано наутро гладни. Амбулантата работи до 19 часот, па и во попладневните термини пациентите можат да добијат комплетен преглед, со лабораториски и дијагностички услуги – порачуваат од Универзитетската клиника за хематологија.

На оваа клиника во јуни почна со работа новата е-амбуланта, која овозможува закажување на консултативен преглед со одреден специјалист за сите пациенти кои сметаат дека имаат проблем и имаат потреба од специјалистичка консултација.

– Матичните лекари слободно може да ја користат оваа е-амбуланта. Навистина нема потреба да постои страв кај јавната популација да се јави на матичен лекар или пак да се обрати на Клиниката за хематологија. Чувањето на здравјето на пациентите и медицинскиот персонал се врвни приоритети во услови на пандемија. Смртноста на недијагностицираните и нетретирани малигни болести е поголема од смртноста предизвикана од ковид-19, па во фаза на пандемија треба сите пациенти да настојуваме да ги дијагностицираме навремено – апелираат од Хематологија.

Универзитетска клиника за хематологија Скопје има обезбедено најсовремен третман за пациентите со лимфом. Третманот се избира за секој пациент посебно. Изборот зависи од повеќе фактори: новодијагностициран или релапсен лимфом, агресивен или индолентен стадиум на заболувањето, општа здравствена состојба на пациентот. Третманот се состои од комбинирана терапија на повеќе цитостатици со моноклонални антитела.

За жал, велат од Клиниката за хематологија, пандемијата со ковид-19 има импакт врз дијагностиката на малигните лимфоми, како и кај сите други малигни болести

Податоците говорат дека во 2019 година вкупниот број новодијагностицирани лимфоми бил 148.  Заклучно со 30 јуни 2020 година има 55 новодијагностицирани пациенти со Б-НХЛ, што значи има пад од 31 отсто во споредба со лани во истиот период кога бројот на лимфоми бил 80.

За таа цел Клиниката за хематологија организираше едукативни вебинари на тема „Заедно да ги надминеме актуелните предизвици и да обезбедиме навремена дијагноза и современ третман за сите пациенти со CD20+ Б – клеточни малигнитети“ со цел едукација и подобра конекција на терцијалното здравство со матичните лекари, интернисти и ОРЛ специјалисти на ниво на целата држава.

– Оваа наша иницијатива резултираше со подобрена дијагностика. Но сепак сѐ уште е голем импактот на пандемијата, па заклучно со 15-ти октомври (откриени се 89 лимфоми) што значи има пад од 21 отсто во споредба со лани во истиот период. За таа цел клиниката се одлучи да организира кампања на тема „Да го победиме лимфомот“ со цел да допреме до општата популација – велат од Хематологија.

Околу 74 отсто од глобалната популација не знае дека лимфомот е тип на малигно заболување. Помалку од половина од сите луѓе во светот (49%) знаат по нешто за лимфомот. Да им помогнеме на луѓето да ги препознаат симптомите на лимфомот, кои тешко се идентификуваат бидејќи често пати не се разликуваат од многу помалку сериозните состојби во организмот како: инфекција со ковид-19, грип, туберкулоза и хроничен замор, и да побараат помош од лекар. Раното дијагностицирање и адекватниот третман за оваа малигна болест се од витално значење, порачуваат лекарите од Хематологија. Ако пациентите се третираат навреме, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг, квалитетен и среќен живот. Оттаму и апелот што го упатуваат до сите здравствени работници:

– Бидете во контакт со Вашите пациенти, останете безбедни, останете здрави. Клиниката во овој момент работи на нов алгоритам на дијагностика кој ќе функционира во услови на пандемија, а ќе овозможи брза и рана дијагностика на малигните лимфоми преку адекватна соработка и мултидисциплинарен пристап од страна на сите засегнати здравсвени работници. Наскоро новиот алгоритам ќе биде достапен за сите матични лекари и општи болници на ниво на цела држава. Исто така клиниката подготвува и нова брошура за пациентите со лимфоми.