Апелација ќе одлучува за жалбите на обвинетите во „Рекет“

Апелацискиот суд во Скопје за денеска (10 мај) закажа седница за првостепената пресуда за случајот „Рекет“ со која Бојан Јовановски – Боки 13 е осуден на 9, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7 години затвор.

Седница ќе се одржи по околу 11 месеци откако беше изречена пресудата од Основниот кривичен суд – Скопје на 18 јуни 2020.

Двајцата неправосилно осудени се наоѓаат во домашен притвор. На Јовановски паралелно му се суди и во случајот „Меѓународен сојуз“ каде е првообвинет. Јанева, пак, се наоѓа во Гевгелија откако во септември лани побарала наместо во Скопје, во родниот град да ја издржува мерката притвор.

По денешната седница, Апелација ќе треба да се произнесе за предметот односно може да ја потврди пресудата, да ја преиначи или да го врати предметот на повторно судење.

Предметот се наоѓаше на разгледување во Вишото обвинителството кое е надлежно да постапува пред второстепените судови, од каде го разгледале и вратиле, а своето мислење за пресудата надлежниот виш обвинител ќе го каже на јавната седница.

 

Според обвинението, а и првостепената пресуда за „Рекет“, откако во ноември 2018 била отворена истрагата „Империја“ на СЈО, биле барани пари од бизнисменот Орце Камчев, кој е еден од осомничените со цел тој да добие повластен третман, како укинување на притвор, враќање на пасошот, како и да добие својство на заштитен сведок или да склучи спогодба. Според обвинителството, биле земени 1,5 милиони евра.