Аплаузи и театар на судењето за 27 април

По сведочењето на отец Пимен, адвокатот Сашко Дуковски, кој го застапува обвинетиот Богдан Илиевски, побара збор, и ја замоли судијката Добрила Кацарска, на тивок, за него невообичаен начин, за распоред на сведоците што денес се предложени пред судот.

На ова судијката Кацарска му рече дека ќе му удоволи за распоредот што го бара за сослушување на нивните сведоци и му посочи дека бил многу поразличен денес, односно со милозвучен глас зборувал кон судот, кога му било потребно нешто и имал корист од нешто.

Ама сте милозвучен и фин, господине Дуковски, кога имате за тоа потреба и корист, му рече Кацарска на адвокатот.

По ова Дуковски стана и побара збор да ѝ се заблагодари на Кацарска, по што продолжи:

Му се заблагодарувам на овој чесен суд, за ваквото пречесно водење на постапката, кое досега е незапаметено во текот на постоењето на судството. Ако некој во иднина ме праша за нејзиното постапување, односно за постапувањето на судијката во текот на оваа постапка, веднаш би кажал дека може да напредува неколку скалила погоре, рече адвокатот Дуковски.

По ваквото негово излагање, кое траеше цела минута и повеќе, обвинетите во судницата му дадоа аплауз.

Судијката Кацарска на ова искоментира дека Дуковски направил добар театар во судница и го опомена во иднина да внимава како се однесува, оти досега, како што рече, неколкупати ги казнила адвокатите во овој судски процес, но денес нема да го направи тоа.

Судењето за 27 април е во тек со сослушување сведоци на обвинетиот Богдан Илиевски.