Јапонскиот суд во средата пресуди дека забраната за истополовите бракови е уставна, што ЛГБТ заедницата го доживува како голем удар врз правата, пренесува Reuters кој потсетува дека ова е втора ваква пресуда во единствената земја членка на групата Г7 во којашто браковите меѓу лица од ист пол сѐ уште не се дозволени.
Истовремено, окружниот суд во јапонската престолнина Токио во образложението на пресудата наведува дека непостоењето законска рамка за истополовите двојки да засноваат семејство ги крши нивните човекови права, во што поднесителите на тужбата, четири истополови двојки гледаат ронка надежи.
Јапонскиот устав го дефинира бракот како заедница втемелена на „двострана согласност на двата пола“. Владејачката партија на премиерот Фумио Кишида засега не покажува намери да се занимава со ова прашање или да предложи нов закон во оваа сфера.
Судот во Токио, всушност, донесе иста пресуда како и судот во Осака во јуни годинава, односно дека забраната за истополовите бракови е во согласност со јапонскиот устав. Но судот во северниот град Сапоро од минатата година кој пресуди дека забраната е неуставна.
Пресудата на судот во Токио е донесена ден откако американскиот Сенат изгласа закон за заштита на истполовите бракови, а Сингапур ја укина забраната за истополови сексуални односи, но без големи изгледи за легализација на истополовите бракови, потсетува Reuters.