Властите на Јужноафриканската Република (ЈАР), кои ја истражуваат смртта на 21 тинејџер во пивница на источниот брег во текот на изминатиот викенд, објавија во понеделникот дека причина за смртта на младите веројатно е нешто што јаделе, пиеле или пушеле, а исклучена е можноста за стампедо.
Сѐ уште необјаснивата смрт на тинејџерите, од кои некои го славеле крајот на училишните испити а други роденден, ја шокираа и растажија нацијата инаку навикната на масовни повреди поврзани со културата на консумирање алкохоли.
„Тоа е или нешто што го внеле (во организмите) и се отруле, без разлика дали станува збор за храна или пијалак или е тоа нешто што го вдишале“, изјави во понеделникот Унатахи Бинкосе, портпарол на одделот за безбедност на заедницата во провинцијата Истерн Кејп.
Додаде дека наргилињата се видливи на снимките на надзорните камери од местото на настанот.
„Потполно го исклучуваме стампедото“, продолжи Бинкосе, откако првите медиумски извештаи сугерираа дека тоа би можело да биде причината за смртта на тинејџерите.
Полицијата во понеделникот потврди дека загинал 21 тинејџер, еден помалку отколку што претходно беше објавено. Портпаролот на полицијата во провинцијата, мајорот Тембинкоси Кинана изјавил за Reuters дека најмладата жртва е 13-годишно девојче.
Обраќајќи им се на собраните пред мртовечницата во градот Ист Лондон во неделата, министерот на полицијата Бхеки Целе се расплака, во што го следеа и другите присутни.
Фотографиите кои од неделата кружат на социјалните мрежи, а властите сѐ уште не ги провериле, покажуваат тела на млади луѓе расфрлани по подот на пивницата, на маси и во сепареа.
Претседателот Сирил Рамафоса изјави во неделата дека е загрижен поради околностите под кои младите, меѓу нив и помлади од 18 години, смееле да се собираат во пивницата. Во Јужноафриканската Република е забрането служење алкохол на помлади од 18 години.
Во понеделникот на пивницата ѝ е одземена дозволата за продажба на алкохолни пијалаци, изјави Мгвеби Мсија, портпарол на Управата за алкохолни пијалаци во Истерн Кејп
„На пат сме кон пивницата да им го предадеме писмото за суспензија“, рекол за медиумите.