Арапските челници одбија да заземат страна во војната во Украина

Арапските водачи во средата не заземаа страна во војната на Русија во Украина и повикаа на политичко решение на судирот кој се обвинува и за економските проблеми во неколку арапски земји.

Заклучоците од самитот на Арапската лига одржан во Алжир, првиот по повеќе од три години поради пандемијата на коронавирусот, челниците повикаа на политичко решение на судирот во Украина.

Изразија „приврзаност на принципите не неврзаноста и заедничкиот арапски став за војната во Украина засновано на одбивањето на употреба на сила“, стои во завршната изјава којашто ја цитира алжирската службена новинска агенција APS.

Додаваат дека политичкото решение на кризата треба да биде во согласност со Повелбата на Обединетите нации и да ги зема предвид „безбедносните преокупации“ на заинтересираните страни.

Неколку арапски земји соопштиле дека може да играат посредничка улога во војната, очигледно во настојувањата да ги одржат добрите односи со Москва.

Германската новинска агенција DPA забележува дека во септември речиси сите арапски земји гласале за резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која се осудува руската анексија на четирите украински региони, каде што мнозинското проруско население одржа референдуми за присоединување на Руската Федерација.

Во пораката на дводневниот самит во вторникот, рускиот претседател Владимир Путин порача дека неговата земја е заинтересирана за „сеопфатен развој на натамошната соработка со Арапската лига и сите нејзини членки со цел да јакне регионалната и глобалната безбедност“.

Самитот во Алжир се одржува среде енергетската и прехранбена криза за којашто, особено на Западот се обвинува војната во Украина. Египет, најнаселената земја во арапскиот свет со повеќе од 100 милиони жители, е главниот светски увозник на пченица и неодамна доживеа раст на цените на храната.

Војната, исто така, придонела и за несигурност на храната во Јемен, разорената арапска земја со долгогодишната војна меѓу владата која ја поддржуваат сунитските земји предводени од Саудиска Арабија и шиитските бунтовници кои ги поддржува Иран.

Кон крајот на септември Путин ги обвини „предаторските“ монетарни и трговски политики што ги спроведува Западот предводен од САД како главната причина за глобалната криза со храна. Според него западните држави го користат своето богатство и способност да печатат пари за да ги вшмукаат прехранбените производи од глобалниот пазар посочувајќи дека актуелната криза „се развива веќе неколку години“.

Русија треба да собере рекордно количество жито оваа година, кое се предвидува да достигне 150 милиони тони, вклучително и околу 100 милиони тони пченица, рече Путин. Но, руските прехранбени производи тешко го пронаоѓаат патот до глобалниот пазар поради западните економски санкции, како и руските ѓубрива, а Западот „предизвикува глобална прехранбена криза“, тврди Путин.

САД и нивните сојузници негираат дека ограничувањата што ги воведоа на руската трговија поради воената кампања на земјата во Украина се насочени кон нејзиниот извоз на храна и ѓубрива.

Официјална Москва повеќепати посочи дека иако тие производи технички не се забранети, ограничувањата за работи како осигурување и пристанишни услуги за руските трговски бродови ефикасно ја ограничуваат способноста на земјата да извезува храна и ѓубрива. Покрај тоа, руската страна истакнува дека само неколку до стотиците бродови со житарки кои испловиле од црноморските пристаништа во Украина во согласност со ткн Договор со житарки склучен меѓу Москва и Киев со посредство на ОН и Турција.