Арапските земји од Заливот од Катар бараат и затворање на телевизијaта Al Jazeera и на турската база

Четирите сунитски арапски земји од Персискиот залив коишто го блокираат Катар поради неговата наводна поддршка на тероризмот, ѝ испратија на Доха листа со тринаесет барања, меѓу коиишто се и затворањето на телевизијата Al Jazeera и ограничување на односите со шиитски Иран, рекол функционер на овие земји.

Списокот со барањата за ставање крај на големата криза во Персискиот залив, којашто нанесува штети на американските интереси во регионот, којшто го составиле Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Бахреин, исто така го вклучува и затворањето на турската воена база во Катар, изјавил за Reuters неименуваниот арапски функционер.

Катар, исто така, мора да објави дека ги прекинува своите наводни врски со терористичките, идеолошките и секташки организации, меѓу кои се исламистичкото панарапско движење Муслиманско братство кое во Египет е на листата терористички организации, екстремните џихадистички мрежи Исламска држава и Ал Каеда, како и, што особено зачудува, либанското шиитско движење Хезболах.

Четирите држави ѝ дале на Доха рок од десет дена за исполнувње на овие барања, а списокот на Катар му го предал Кувајт, кој посредува во спорот, додал неименуваниот извор на агенцијата.

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Египет, Јемен и Либија ги прекинаа дипломатските односи со Доха на 5 јуни, обвинувајќи го Катар за наводни врски со исламистичките милитанти и шиитски Иран. Доха, од своја страна ги отфрли овие обвинувања, но блокадата ја натера да се сврти кон Турција и токму кон Иран.

Споменатите сунитски земји го блокираа за Катар својот воздушен простор, како и копнените и поморските граници, и наметнаа трговски рестрикции и ограничување на протокот на луѓе.