Причината зошто така бурно министерот за здравство Венко Филипче реагираше на мој приватно објавен Фејсбук статус, е тоа што чичко ми Насер Зибери е кандидат за премиер Албанец, а не тоа што сум напишал дека границите се отвараат без тестови и без карантин, изјави за „Слободен печат” директорот на ЦЈЗ Скопје Арбен Зибери.
„Точно е тоа што Филипче го тврди, дека не сум член на Комисијата за заразни болести официјално. Но, многу пати сум присуствувал на нивните состаноци и сум придонесувал, а нашата институција има свои редовни претставници во Комисијата. Јас бев запрепастен. Не ја ни гледав прес конференцијата, туку новинарите почнаа да ми се јавуваат. А запрепастен сум, зашто ние толку професионално ја вршиме работата во Центарот за јавно здравје Скопје, до толку што министерот сам ме фалел. Многу непотребно влегоа во ова. А зошто да бидам разрешен? За приватен Фејсбук статус во кој што не сум изнел ниту една лага? Ова е смешно. Ова не е за границите, туку за чичко ми Насер, којшто е кандидат за премиер Албанец, значи, ова е политичка пресметка со чичко ми, врз мој грб. А инаку, со Филипче, имаме многу коректен однос, постојано соработуваме и си помагаме во работата“, изјави Зибери.
Министерот доби амин од Државната комисија за спречување на корупција дека може да го разреши Зибери од директорската функција.
„Тој ќе се промени од функцијата, но неговиот работен однос ќе си продолжи и понатаму како што си работел пред да биде директор“, потврди претседателката Билјана Ивановска вчера.
Откако Филипче на прес-конференцијата го најави ова, вчеравечер преку „Фејсбук“ и лично му се обрати на Зибери:
„Директоре Зибери,
Tоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Четири месеци градиме доверба и работиме транспарентно. Во ниеден момент не донесовме политички мотивирани одлуки и ова вие добро го знаете. Вашата изјава е неточна, штетна и пред сѐ неколегијална, што исклучително ме загрижува. Моја должност како министер меѓу другото е да го штитам угледот на колегите од комисијата и нивните стручни одлуки. Верувам дека разбирате каква штета нанесувате во овие чувствителни моменти кога заеднички се бориме за иста цел. Го ценам придонесот на сите кои се борат со епидемијата, вклучително и вашиот, но нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата“.