
Подготвителниот натпревар меѓу фудбалските селекции на Израел и на Аргентина, планирана за саботата во Ерусалим, нема да се одигра по одлуката на Аргентинскиот фудбалски сојуз (AFA), објавија во вторникот ноќта аргентинските медиуми.
„Поради заканите и полемиките настанати околу ситуацијата во Палестина, натпреварот нема да се одигра. Селекторот Сампаоли бара одигрување на еден меч во Барселона“, пишува аргентинскиот спортски дневен весник Ole.
Фудбалерите на Аргентина се подготвуваат за Светското првенство во Барселона и во четврток требаше да отпатуваат во Израел на последниот подготвителен натпревар пред да заминат на мундијалот во Русија.
Израел планираше да ја организира оваа средба во Ерусалим, што го поттикна негодувањето на Палестинците, коишто оваа намера ја сметаа за „политичко оружје“. Палестинскиот фудбалски сојуз му упати писмо на Аргентинскиот фудбалски сојуз во кој бараше откажување на мечот.
Шпанскиот спортски дневен весник AS пишува дека играчите се сретнале со претседателот на AFA, Клаудио Тапиа, и му ја соопштиле одлуката дека не сакаат да одат во Ерусалим во страв од протести. Во понеделникот беше споменувано можно организирано палење на дресовите и фотографиите на капитенот на аргентинската селекција Лионел Меси, а 70 деца бегалци испратија писмо во коешто наведуваат дека стадионот „Теди Колек“ во западен Ерусалим е изграден на местото каде што е урнато нивното село.
Аргентинскиот фудбалски сојуз до вторникот доцна во ноќта по средноевропско време немаше објавено никакво официјално соопштение. Не се огласи ниту Израелскиот фудбалски сојуз. Израелскиот дневен весник Haaretz, пак, наведе дека се очекува откажување на натпреварот.