Аргентинското обвинителство врши претреси во истрагата за смртта на Марадона

Аргентинското обвинителство одлучи да ги истражи околностите за смртта на еден од најдобрите фудбалери во историјата Диего Армандо Марадона и во неделата нареди да се претресе куќата на неговиот личен лекар, извести канцеларијата на локалниот обвинител.

Марадона почина во средата на 60-годишна возраст од срцев удар. Налогот за претрес го побарале иследниците од елитното предградие на аргентинската престолнина Буенос Аирес, Сан Исидра, а го потпишал локален судија, се наведува во писмената изјава на обвинителството.

„Вчера, во саботата, продолживме со истрагата и собирањето на доказите. Продолжуваме да земаме изјави од бројни лица, меѓу кои се и членови на семејството и роднини на починатиот“, се додава во соопштението.

„По собирањето на податоците и доказите, локалното обвинителство сметаше дека е потребно да се се изврши претрес на куќата и ординацијата на лекарот Леополдo Луке“, стои уште во соопштението на обвинителството во коешто не се наведува што точно ја поттикнало истрагата.

Адвокатот и пријател на Марадона, Матијас Морија, во четвртокот најави дека ќе побара целосна истрага за околностите во кои починал Диего Армандо, критикувајќи ја притоа, како што рече, бавната реакција на итната служба, на којашто ѝ било потребно повеќе од половина час да дојде до домот на славниот фудбалер.