Армијата на САД создава тенк на водороден погон

Американските научници од армискиот Центар за развој на боеви копнени транспортни средства (ГВСЦ), и научно-истражувачката лабораторија на копнената војска на САД, разработуваат нови боеви возила на водороден погон.

Како што јавува денеска американското онлјан издание „Дефенс блог“, станува збор за тенкови и боеви пешадиски возила.

Се вели дека армијата на САД проучува технологии за производство на енергија од водородни елементи и пропратна апаратура со што може да се обезбеди тактичка предност на копнените транспортни средства.

Водородниот погон произведува енергија ефективно и речиси бесшумно, и не ја загадува околината. Неговaтa енергетска ефикасност е повисока од моторите сo внатрешно согорување. Се додава дека водородот може да се добие од буквално секоја течност што содржи вода како кафе, спортски пијалоци, па и моч. Но и дека постоечките видови на горива како бензин, пропан и природен гас, исто така можат да бидат користени за екстракција на водород.

„Дефенс блог“, издание од областа на воените технологии, дознава дека главната цел на овие испитувања е намалување на зависноста од нафтата во американската армија.

Водородниот мотор е со многу повеќе предности како висок вртежен момент, со што се дозволува тенкот лесно да освојува нерамни терени; тивка мобилност; намалено звучно и топлотно загадување; ниска тежина на боевата машина; можност за полнење гориво од разни извори.

Се вели дека истражувачите од армијата на САД работат со комерцијални компании за изведба на унифицирани водородни платформи за погон на тенкови и боеви копнени возила.