Арсовска: 99 проценти од компаниите се засегнати од корона кризата, 49 проценти од компаниите имаат намалување на приходите од над 80 проценти

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска во своето гостување во емисијата „А што не е јасно“ истакна дека 99 проценти од компаниите се директно и поприлично засегнати од економската криза во Македонија која е резултат на пандемијата на коронавирусот. Таа посочи дека анализата на Сојузот на стопански комори е навистина загрижувачка имајќи во предвид дека на 49 проценти од македонските компаниии се соочиле со намалени приходи од над 80 проценти, бројка која кај некој достигнува и 100 проценти.

„Она што нашите анализи го кажуваат, а ние излеговме со една анкета од која што понатаму спроведовме анализа од која што бројките навистина не беа добри. Таа беше и причината зошто се бараше начин како да се најде соодветна помош од страна на институциите за да можат да ја надминат оваа состојба во која се наоѓаат сега. Нашите анализи покажаа дека 99 проценти од компаниите се засегнати и тоа навистина засегнати од овие состојби кои што се предизвикани од кризата. Од кои нешто над 49 проценти од компаниите имаат намалени приходи од над 80, односно од 80 до 100 проценти. Тоа се навистина загрижувачки бројки и треба да се разбере дека доколку економскиот циклус застане понатаму ќе биде навистина тешко за да се отпочне повторно од позиција каде што ќе можат да се вратат компаниите каде биле пред кризата“, рече Арсовска.