Арсовска бара оставка од Славески- Скопјани не се должни да трпат последици поради неговите хирови

Жалиме што скопската јавност уште еднаш беше сведок на самоволието, некултурата и немањето на доволен демократски капацитет на претседавачот на Советот на град Скопје Трајко Славески, соопштуваат од Град Скопје.

„Во ниту еден случај, Советот не смее да биде оставен во рацете на човек кој нема основни морални и етички прерогативи.

Невидено и недозволено е, 45 совентици, претставници на скопјани да бидат заложници на копчето на Трајко Славески кој денес ја одложи седницата за советнички прашања бидејќи наводно му била одземена можноста да исклучува говорници кога не му се допаѓа нивниот говор.

Скопјани не се должни на сопствена штета да трпат последици поради хировите на еден човек кој има една, единствена и основа задача – воведување на едноумие по примерот на неговиот политички ментор – Христијан Мицкоски.

Затоа, од сечија корист би било г-дин Трајко Славески да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, со цел да се спречи блокирањето на функционирањето на градот и претпријатијата на градот Скопје, смислената хајка поради политичката нетрпеливост и поради потребите на ПР тимот на Христијан Мицкоски. Недозволиво е, граѓаните на градот Скопје поради потребите на оваа политичка групација која институционално но и вон-институционално прави сѐ да прикаже „неспособност“ на градската администрација, тоа да го прави на штета на скопјани.

Против претседавачот на Советот на град Скопје Трајко Славески е поднесена итна претставка до Министерството за локална самоуправа и Инспекторатот за локалната самоуправа поради тешки прекршувања на Уставот во член 16. Законот за локална самоуправа во член 48. и Деловникот град Скопје во член 57.

Апелираме, министерството и инспекторатот веднаш да ја разгледаат претставката и соодветно да реагираат во корист на скопјани“, соопштуваат од Град Скопје.