Во организација на Здружението на информатичарите на Македонија, денес во Скопје се одржува 25-от Државен натпревар по информатика за ученици од средните и основните училишта во Република Македонија.
Настанот го отвори заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, која пред присутните истакна дека натпреварот претставува уште една потврда за трудот и сериозните напори вложени во создавањето млади кадри, кои во иднина ќе придонесат за развојот на ИКТ секторот во земјата.
„Сведоци сме на огромниот раст и развој на информатичката и телекомуникациската технологија. ИТ компаниите работат сè поуспешно, а професиите во оваа сфера, од година во година, стануваат сè побарани и попотребни. Ние како надлежни институции во овој домен даваме континуирана силна поддршка, а сето тоа со единствена цел да изградиме информатички образована нација.„- рече Арсовска Томовска.
Таа додаде дека во последните години, значително се зголемува бројот и потребата од нови работни места во оваа област.
„Истражувањата и анализите покажуваат дека во наредните години, информатичката дејност ќе стане најбарана професија на глобално ниво. Доколку трендот на побарувачка продолжи со ова темпо, околу два милиони работни места за информатичари ќе недостасуваат во Европа до 2020 година. Затоа, треба постојано да бидете отворени за креативност, иновации, интеракција и учење, а вложувањето во себе, збогатувањето на талентот и вистинскиот сет на вештини се клучни за ваш напредок и успех.„- им порача на учесниците на натпреварот заменик министерот Арсовска Томовска.
Инаку, Државниот натпревар по информатика се одржува на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, во чии рамки се организира и работилница на тема „Активности на Здружението на информатичари поврзани со наставни програми по информатика„ како и презентација на можностите за студирање на надарените ученици на ФИНКИ. Свои обраќања имаа и деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов и претседателот на Здружението на информатичарите во Македонија, Миле Јованов.
Со почит,
Односи со јавноста при МИОА