![мкц](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/01/mkc.jpg?resize=696%2C391&ssl=1)
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска на доскорешниот директор на Младинскиот културен центар, Ванчо Богоев, му порача да ѝ се извини, за како што вели, изнесените лаги во изминатиот период, или во спротивно ќе добие тужба пред суд.
Арсовска на денешната прес-конференција го обвини Богоев дека противзаконски ангажирал 250 лица како хонорарци, од кои повеќето биле блиски до неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. На 90 пати биле ангажирани шанкери на испомош, од кои највисокиот хонорар бил 750 евра.
Богоев на директорската фотелја седна во јануари, 2022 година, поточно тој го добива мандатот веднаш откако таа стапува на функцијата, а договорот му заврши изминатата недела, по што во медиумите објави дека трпел огромни притисоци од Град Скопје.
– Во 2022 постигнати се преку 250 договори спротивно на Закон, без да се ангажира авторска агенција. Зборуваме за 250 ангажмани спротивно на позитивните законските прописи за кои ќе треба да се даде отчетност. Исплаќани се илјадници евра без почитување на ниту една постапка, ниту Закон. Меѓу нив има истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ, а има над 90 за времено ангажирање на шанкер за 350 до 750 евра на месец. Од главната благајна се подигнати 100.000 евра без основа за повлекување на овие парични средства. Тоа се над 6,2 милиони денари во готово – рече Арсовска.
Таа демантираше дека на МКЦ му се скратени 90 проценти од буџетот. Минатата година на МКЦ од основниот буџет му следувале 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари.
– Што се однесува до сумата за дотации од Град Скопје, лани биле 34 милиони денари, додека оваа година се издвоени 34 милиони денари. Намалувањето е незначително, и не поради тоа што нема интерес Град Скопје, туку МКЦ мора да работи и самоодржливо. Има потенцијал да работи без субвенции и дотации, има сопствени приходи од над 33 милиони денари. Не е скратена програмата, договорот на в.д. директорот му заврши, а притисок во целост отфрламе дека имало, Ванчо Богоев ако не се извини за лагите со кои му штети на угледот на Град Скопје, ќе треба тоа да си го докажува пред суд – рече Арсовска.