Јавното обвинителство од Куманово вчера отвори случај за затаена и неплатена акциза од над 1,5 милиони евра за околу 60 тони тутун, но не кажа дали тоа е истиот тутун за кој ние говориме изминативе неколку недели, реагира денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
– Не напиша која фирма, ниту каде завршил тутунот за кој не е платена акцизата, каде е пуштен во промет, ниту пак кој е увозникот, ниту кој го откупил, ниту пак како тутунот влегол баш во Република Македонија и бил пуштен на незаконски начин во промет. Увезените над 100 тони тутун во време кога Љупчо Николовски е министер за земјоделие, според нашите информации, завршиле во едно населено место, во околината на Скопје, познато на јавноста и на граѓаните по производство на нелегални цигари, односно цигари без бандерола, односно производство цигари на диво. Сите можете да претпоставите каде завршил тутунот – рече Арсовски.
Тој јавно праша: дали онаму каде што завршил тутунот, се доделени и плус субвенции за истиот тутун од Министерството за земјоделие? Дали ова било аминувано од тогашниот министер за земјоделие, Љупчо Николовски?
– Овој случај и целиот скандал е директно поврзан и цело време се врти сѐ околу него, поради фирмата која е увозник на тутунот, а нормално е во сопственост на негов многу близок пријател од Крива Паланка. Дали оваа фирма која што должи акциза и нелегално продала тутун на диво за да биде пуштен во промет, можеби ќе биде ставена под стечај од управител кој можеби и не е жител на Република Македонија и ќе се обидат на тој начин да го заташкаат целиот случај и да избегнат одговорност? – праша Арсовски.
Овие прашања тој ги упати до Љупчо Николовски и до Јавното обвинителство, но и до организиран криминал од МВР.
– Ова е проневера од неколку милиони евра, каде што целиот случај се врзува околу Љупчо Николовски кој што пак е близок пријател до увозникот и е тогашен министер за земјоделие. Додека ЈО се обидува контролирано да го води овој случај со прикривање информации, ние секако нема да им дозволиме да го заташкаат случајот. Ги охрабрувам и антикорупционерите да се разбудат и да се расонат, доаѓа пролет, и може да се вклучат во расветлување барем на овој случај. Нормално, ако не се исплашени, и ако не се плашат како и до сега, впрочем за тоа земаат плата, за тоа земаат плата од данокот кој што го плаќаат граѓаните, да не спијат, да не го штитат криминалот туку да се одважат и да почнат конечно да работат и да расветлуваат случаи – додаде Арсовски.