Асад: Заканите за Сирија од Западот ја дестабилизираат ситуацијата во целиот регион

Сирискиот претседател Башар ал-Асад изјави во четвртокот дека каква и да е потенцијална воена акција на западните сили би предизвикала дополнителна нестабилност во и онака немирниот регион и оти Западот се обидува да го измени текот на настаните во Сирија по победите што ги оствари нејзината армија над терористите.

„Со секоја победа постигната на теренот, се подигнуваат гласовите на некои западни земји а акциите се интензивираат во обидот да се промени текот на настаните. Тие гласови и секоја можна акција ќе придонесат само за зголемување на нестабилноста во регионот, и се закануваат на меѓународниот мир и безбедноста“, го цитира државната сириска телевизија претседателот Башар ал-Асад кој ова го кажал на средбата со советникот на врховниот ирански водач, Али Акбар Велајати.

Во текот на разговорот Асад предупредил дека „изјавите на некои западни политичари во врска со можноста за воен напад врз Сирија се засноваат на фабрикуваните факти од страна на нивните соучесници“.

Специјалниот пратеник на иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи, од своја страна ја потврдил „поддршката на Техеран на цврстината на Сирија и нејзиниот народ во војната против тероризмот“. Претходно во интервју за телевизијата al-Surya, Велајати истакна дека Сирија и Иран „заеднички ќе се спротистават на провокациите и агресивните закани од САД, Израел и нивните сојузници“.

САД и нивните сојузници разгледуваат дали ќе ја нападнат Сирија поради наводниот хемиски напад во последното упориште на исламистите од Џаиш ал-Ислам кои во четвртокот целосно го напуштија градот Дума во близина на Дамаск, за кој неформални опозициски организации тврдат дека усмртил десетици луѓе во саботата. Сирија и нејзината сојузничка Русија, чии воени лекари ги прегледувале цивилите во болницата во Дума на почетокот од седмицава, тврдат, пак, дека нападот воопшто не се случил.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата ја предупреди Русија на можната американска воена акција против Сирија и ја критикуваше Москва поради поддршката на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Но потоа во четвртокот објави твит кој се проценува дека значи извесно ретерирање од воинствените изјави.

По твитовите на претседателот во средата, Белата куќа објави повнимателно соопштение. „Претседателот смета дека Сирија и Русија се одговорни за овој напад со хемиско оружје, но сите опции се на масата, конечната одлука не е донесена“, пренесе портпаролката Сара Сандерс.

Кремљ во четвртокот соопшти дека Русија ги следи изјавите од САД во врска со Сирија, но дека претседателот Владимир Путин не планира телефонски да разговара со американскиот колега во врска со најновиот развој на настаните. Телефонски разговор со Путин, пак, најави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој потврди дека за оваа тема разговарал со Трамп. Ердоган и Трамп ќе останат во близок контакт, соопшти Белата куќа.

Кремљ, исто така, објави дека е одржуван комуникацискиот канал меѓу руската и американската војска околу операциите во Сирија за да се избегнат можни инциденти. „Овој канал е во активна состојба и го користат двете страни“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.