Асфалтирана е втората делница од патот село Лешки – Кочани во должина од 680 метри, со што ова Осоговско село се поврза со регионалниот патен правец Р-316, Кочани – Пониква.
– Се работи за асфалтирање на втората делница од патот до село Лешки во должина од 680 метри која заедно со првата делница од 600 местри што беше асфалтирана минатата година ќе го поврзува ова Осоговско село со регионалниот пат Кочани – Пониква. Вкупната вредност на изградбата на оваа делница изнесува 5 милиони денари, средства кои општината ги доби од Агенцијата за рурален развој во земјоделството и селото и со делумна финансика помош од општината, изјави градоначалникот Ратко Димитровски.
Патот е со широчина од 3,5 метри со поставени ивичници и риголи за прифаќање на атмосверските води. Ќе помогне во ревитализација на животот во ова населено место во кое сточарството и одгледувањето на пчели е основно занимање на жителите кои останале да живеат овде.
Димитровски ги најави и активностите за асфалтирање на 10 улици од по стотина метри во 10 населени места во полскиот дел на општината, како и асфалтирање на две улици во Спортско рекреативниот центар Пониква, лоцирани во викенд населбата.
Информираше и за вчерашната работна средба на градоначалниците на Кочани, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица одржана на врвот Царев Врв на Осоговските Планини на надморска височина од 2.085 метри, и иницијативата постојната инфраструктура од стари воени касарни да прерасне во регионален туристички центар за општините од истокот. За оваа цел, потенцира, градоначалниците се договориле за заеднички настап пред инвеститорите и Владата на Република Македонија.