Фудбалската селекција на Македонија ги започна подготовките за последните овосезонски обврски. Во рамките од квалификациите за следното Европско првенство, нашите фудбалери ги чека дуели против секогаш незгодната Украина и европскиот вицешампион Англија. Во пресрет на дуелите во Скопје и Манчестер, Стефан Ашковски вели дека заморот е во втор план, бидејќи кога се носи дресот на Македонија секогаш се дава максимумот.
„Мило ми е што пак сме заедно, нѐ чекаат два натпревари против квалитетни селекции, но секако и шанса да видеме до каде се нашите можности.Тоа што се игра на крај на сезоната, мислам дека за сите е исто напорно, но кога играш за Македонија и на вакви натпревари, заморот го заборавате. Заморот за вакви натпревари е во втор план. Имаме победа од стартот и очекувам да ја продолжиме добрата низа на овие два меча“, рече Ашковски.
Прв противник во јунскиот прозорец ни е Украина, на 16 јуни во Скопје, додека на „Олд Трафорд“ гостуваме три дена подоцна.