Аталанта го доби дербито со Наполи, Интер убедлив во Рим

Во натпреварот со пресврти Аталанта дојде до победа од 3:2 на гостувањето кај Наполи и по 16-то коло го фати приклучокот со три водечки тима во Серија А.

Екипата од Бергамо на стадионот „Диего Марадона“ поведе во 7 минута, а стрелец беше Украинецот Руслан Малиновски. Но домашните се опоравија од почетниот шок и во 40 минута израмнија преку Полјакот Пјотр Зјелински. На почетокот од вториот дел, во 47 минута, Белгиецот Дрис Мартинс го доведе Наполи во водство, но во 66 минута турскиот стопер Мерих Демирел се уферли во нападот и ладнокрвно ја испрати топката под гредата над немоќниот домашен голман Оспина, а во 71 минута Швајцарецот Ремо Фрулер погоди за петтата последователна победа на Аталаната, за која целиот меч го одигра македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас.

Со десеттата победа во сезоната Аталанта дојде до 34 бодови и сега е на четвртото место само два бода помалку од третопласираниот Наполи, а три односно четири од водечкиот милански тандем Интер односно Милан.

Интер на гостувањето на римски „Олимпико“ уште во првиот дел го реши прашањето на победникот во соочувањето со Рома која беше цел меч во подредена улога.

Водечкиот погодок за „Нераѕуите“ го постигна Хакан Чалханоглу во 15 минута, и тоа со директен погодок од корнер. Турскиот играч одлично ја фелшираше топката, но решавачка сепак беше лошата реакција на домашниот голман Руи Патрисио кому топката му мина низ нозете и зврши во мрежата.

Само девет минути подоцна Чалханоглу мина по левата страна, ја врати топката кон средината на шеснаесетникот, каде одбраната на Рома заборави на нивниот донеадамнешен соиграч Един Џеко кој лесно пласираше за 2:0. Во 39 минута топката и по третпат заврши зад грбот на Риу Патрисио, откако Бастони одлично наферли од левата страна на втората статива, а холандскиот репрезентативец Дензел Димфирс со глава го постигна својот прв погодок во дресот на Интер.

Со четвртата победа во низа Интер дојде до 37 бодови и бод помалку од градскиот ривал Милан, а Рома моментално е петта со 25 бодови, но може по недела да назадува дури три места на табелата.

Милан на врвот на табелата дојде со победата од 2:0 на домашниот терен над слабата Салтернитана. Домашните по 18 минути игра имаа предност од два погодоката и потоа мирно ја одржа до крајот на мечот. Во петтата минута погоди Франк Кеси, а во 18 минута стрелец беше Белгиецот Алексис Салемакерс. Салернитана е последна 20-та со само осум бодови.

Во недела играат Болоња – Фиорентина, Венеција – Хелас Верона, Специја – Сасуоло, Сампдорија – Лацио, Јувентус – Џенова, а во понеделнико Емполи – Удинезе и Калјари – Торино.