Убиството на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе од непосредна близина на предизборен собир во петокот го отвори прашањето на безбедноста на политичарите во земјата во којашто политичкото насилство и вооружени инциденти се исклучително ретки.
Јапонските функционери вообичаено патуваат со забележително помало обезбедување во споредба од колегите од САД и други земји коишто имаат и повисока стапка на насилство и историја на атентати и убиства на политичари.
Шеесет иседумгодишниот Абе во петокот претпладнето учествуваше на политички собир во западниот град Нара и агитираше за неговата Либерално-демократска партија, кога од непосредна близина од околу три метра беше застрелан. Полицијата веднаш го уапси 41-годишниот маж кој пукал од револвер направен дома и кој подоцна го призна злосторството.
Функционер од локалната полиција за новинарите рекол дека ќе се истражува дали обезбедувањето на собирот било соодветно. Телевизијата Nippon, повикувајќи се на полицијата во Нара, објави дека Абе бил чуван од само еден специјализиран вооружен полицаец од Токио и од уште неколку локални полицајци.
Абе бил застрелан на раскрсница пред трамвајска постојка, додека се обраќал пред стотици луѓе и додека зад него минувале автомобили и друго возила. Напаѓачот се појавил токму во тој момент. Неколку политички коментатори изјавија дека обезбедувањето на поранешниот премиер морало да биде побројно.
„Секој можел да го застрела од таа близина. Мислам дека обезбедувањето било слабо“, изјавил Масазуми Најаџима, поранешен полициски детектив.
„Штитеното лице мора да биде покриено од сите страни. Доколку тоа не е сторено како што треба, не е добро“, вели Коичи Ито, специјалист за физичко обезбедување лица.
Атентатот врз Абе е првиот атентат врз некој поранешен или актуелен јапонски премиер, уште од времето на предвоениот милитаризам во 1930-те години. Имено, премиерот Цуoши Инукаи е убиен во 1932 година од радикализиран морнарички офицер.
Во текот на целата мината 2021 година во Јапонија имало само десет вооружени инциденти, од кои само еден бил смртоносен, покажуваат податоците на националната полиција.