Во средбата од 13-то коло на шпанското фудбалско првенство Атлетико Мадрид ремизираше пред своите навивачи со Еспањол 1:1, иако гостите повеќе од еден час играа со играч помалку.
Резултатската криза на Атлетико Мадрид така продолжува. Екипата на Диего Симеоне четири натпревари во низа е без победа, а во последните шест дуели славеше само еднаш.
тлетико против Еспањол имаше дури 27 удари кон голот на Бенжамин Леконт, при што седум во рамките, имаше 67 отсто од поседот на топката, изведе дури 12 корнери, но не успеа да ги освои трите бода. Дури мораше да спасува и бод.
Гостите во 28 минута останаа без исклучениот Леандро Кабрера. Но Еспањол со играч помалку поведе во 62 минута со голот на Серхи Дардер. Жоао Феликс израмни во 78 минута, а Атлетико во последните моменти од мечот можеше да дојде и до победа, но Науел Молина не искористи одлична шанса и шутираше крај голот.
На врвот на табелата моментално е Барселона со 34 бодови, два повеќе од Реал Мадрид кој во понеделник му гостува на Рајо Ваљекано. Атлетико Мадрид е трет со 24 бодови, еден повеќе од Реал Бетис кој во недела вечерта ја пречекува Севилја.
Еспањол моментално е 16-ти со 12 бодови, бод повеќе од зоната на испаѓање, а може да назадува едно место доколку 19-та Севилја подоцна победи кај Реал Бетис.