АТРИУМ го демантира Рашковски: Фирмата нема склучено договор по тендер за варосување на помошните простории во „Телеком арена“

Уште еднаш најостро го демантирам генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски и барам негово јавно извинување за изнесените невистини и во целост да ги повлече, пишува во демантот потпишан од директорот на АТРИУМ ДОО Вевчани, Бобан Мукоски.

„Како директор на АТРИУМ ДОО Вевчани остро реагирам на изнесените невистини од страна на Генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски дека мојата фирма склучила договор по тендер за варосување на помошните простории во ‘Телеком арена’ за 10 евра од квадрат АТРИУМ ДОО Вевчани нема склучено, повторувам нема склучено договор по тендер за варосување на помошните простории во ‘Телеком арена’ како што тврди генералниот секретар на Владата на Република Македонија“, се наведува во реакцијата на Мукоски.

Се појаснува дека станува збор за годишна рамковна спогодба која фирмата АТРИУМ ДОО Вевчани ја има склучено со АД За изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за републиката – Скопја, врз чијашто основа фирмата е ангажирана за тие работи.

Второ, цената што Генералниот секретар ја кажува е четири пати повисока од реалната цена на чинење за таков вид на работи, тврдат од АТРИУМ.

„Уште еднаш најостро го демантирам Генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски барам негово јавно извинување за изнесените невистини и во целост да ги повлече. Доколку тоа не се случи, ќе бидам приморан тоа право да го остварам по судски пат“, се вели во ракцијата на Бобан Мукоски.