Аугсбург декласиран дома од Баер

Фудбалерите на Баер Леверкузен славеа со убедливи 4:1 (1:1) на гостувањето кај Аугсбург во првиот натпревар од 31-то коло од германското првенство, кој се одигра во петокот вечерта, иако домашниот тим поведе веќе во 12 минута.

Водечкиот погодок за Аугсбург во 12 минута го постигна Кевин Дансо, но гостите многу брзо се опоравија и израмнија преку Кевин Воланд во 15 минута, а потоа следуваше нивната серија преку Каи Хаверц во 48, Јанотан Тах во 60 и Џулијан Бранд во 88 минута.

Со третата последователна победа, Баер со 51 бод се израмни со петтопласираната Борусија Менхенгладбах, која има и меч помалку во борбата за Еропската лига, а во моментов е и на два бода помалку со меч повеќе од четвртиот Ајнтрахт кој е на последната позиција која води во Лигата на шампионите. Аугсбург, пак, моментално е 14-ти со 31 бод, десет повеќе од 16-от Штутгарт кој е на место од кое се игра бараж за опстанок во Бундеслигата.

Во водство на четири кола пред крајот е Баерн Минехен со 70 бодови, бод повеќе од Борусија Дортмунд. Трет со 61 бод е РБ Лајпциг, осум бода повеќе од четвртиот Ајнтрахт. Нирнберг со 18 и Хановер со 15 бодови ги држат последните 17-то и 18-то место и се сигурни патници во понизок ранг на натпреварување.

Од преостанатите осум натпревари од колото, шест се играат во сабота, и тоа: Борусија Дортмунд – Шалке 04, Ајнтрахт – Херта, Фортуна – Вердер, Хановер – Мајнц, РБ Лајпциг – Фрајбург и Штутгарт – Борусија Менхенгладбах. Во недела се среќаватаа Хофенхајм – Волфсбург и Нирбберг – Баерн.