Џавид предупредува дека со победа на лабуристите Британија брзо ќе влезе во економска криза

Саџид Џавид, британски министер за финансии во владата на конзервативецот Борис Џонсон

Британскиот министер за финансии, Саџид Џавид, рече во неделата дека „несовесните“ буџетски планови на опозициската Лабуристичка партија за само неколку месеци ќе доведат до економска криза, доколку победи на вонредните парламентарни избори на 12-ти декември, повикувајќи се на контроверзниот извештај кој го објави неговата Конзервативна партија.

Лабуристите остро го отфрлија извештајот на конзервативците во кој се наведува дека опозицијата кога би дошла на власт би ги зголемиле буџетските расходи за 1,2 трилиони фунти во следните пет години и оценија дека станува збор за „лажни вести“.

Иднината на британската економија, петтата најголема според обемот економија во светот, е во центарот на предизборната кампања последните денови. Двете партии ветуваат поголема потрошувачка, но дебатираат колку инвестиции се потребни и како да се платат.

„Тоа би било потполно несовесно и во текот на неколку месеци земјата би западнала во економска криза“, рече британскиот министер за финансии Саџид Џавид за јавниот сервис BBC.

Конзервативците предводени од премиерот Борис Џонсон, кои водат во анкетите, велат дека процената се заснова на манифестот на лабуристите за изборите 2017 година и на последните политички ветувања.

„Овој смешен пример на лажни вести на ториевците претставува непресметлива мешавина од отфрлени процени и лоша математика, бидејќи знаат дека плановите на лабуристите за вистинска промена се популарни“, одговори Џон Мекдонел, кандидат на лабуристите за министер за финансии.

На почетокот на изборната кампања конзервативците се во предност. Според одвоените анкети објавени во весниците The Mail on Sunday и The Observer, конзервативџите имаа 41 отсто поддрпшка, а лабуристиет се на 29 отсто. Анкетата на The Sunday Times им дава поддршка од 39 отсто на конзервативците, а 26 отсто поддршка за лабуристите.