Aвиокомпаниите ги стопираат летовите над Источна Украина

По несреќата со малезискиот авион над Украина, голем број меѓународни авиокомпании соопштија дека ќе ги запрат или пренасочат летовите над источниот дел од земјата, пишуваат странските медиуми а пренесува Утрински весник.

– „Луфтханза“ одлучи да го избегнува просторот над источна Украина и таа одлука веднаш стапува во сила, соопшти портпаролката на најголемата германска авиокомпанија, додавајќи дека авионите и понатаму ќе слетуваат во Киев и во Одеса.

„Туркиш ерлајнз“ исто така соопшти дека ќе го избегнува украинскиот воздушен простор, а истото го потврдија и британската „Вирџин“, руските „Аерофлот“ и „Трансеро“, како и француската авиокомпанија „Ер Франс“.

Неименуван извор од Руската федерална агенција за воздушен сообраќај тврди дека Киев пред три дена го затворил воздушниот простор над Донецк и Луганск за цивилен авиосообраќај. Но, украинската служба за авиоконтрола изјави дека воздушниот коридор над 9.600 метри е отворен за цивилен сообраќај.

Соборениот малезискин авион наводно летал на висина од 10.600 метри кога исчезна од радарите.