Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се придружува на напорите на Американската влада, Кралството на Холандија и Македонскиот јавен сервис да ги поддржи критичните гласови кои известуваат за теми кои се важни за граѓаните и ќе им помогнат да носат информирани одлуки. Агенцијата ја препознава и потребата на граѓаните, но и обврската на домашните институции да поддржи квалитет и содржина која ќе помогне да создадеме информиран електорат којшто ќе биде подобро запознаен со проблемите во сферата на корупција и владеење на правото во услови кога овие проблеми се недоволно претставени во медиумите, соопштија од Агенцијата.
-Ја информираме јавноста дека во рамки на своите заложби обезбедивме донација од 5 милиони денари за активности и содржини на Истражувачката репортерска лабораторија, непрофитна медиумска организација чие што известување е фокусирано на корупција, криминал и добро владеење.
Овие активности се вклопуваат со целите и вредностите на АВМУ да ги штити интересите на граѓаните, да обезбеди квалитетни информации и плурализам во известувањето и да поддржи постоење на разновидни, независни и самостојни аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
ИРЛ во наредниот период, во рамки на оваа донација, ќе го примени иновативниот модел на мултимедијално раскажување, за да известува за теми кои се важни за граѓаните и ќе им помогнат да носат информирани одлуки – политичка пропаганда за време на избори и владеење на право.
Ивестувањето на ИРЛ во предизборниот период ќе се фокусира на проверка на фактите кои политичките кандидати ги изнесуваат за време на јавни настапи, гостувања во дебатни емисии, јавни дискусии и дебати, истражувања на јавно мислење, пр-објави или ветувања кои се повторуваат во речиси сите предизборни програми.
Ивестувањето за проблемите во правосудството ќе биде фокусирано на потенцијалните конфликти на интерес кои потекнуваат од личните конекции на судиите и обвинителите, а граѓаните ќе ги добијат вистинските информации за оние кои истражуваат, гонат и пресудуваат во нивно име.
Поддршка за тренинг на млади новинарски и продукциски кадри со цел подобрување на пазарот на труд во медиумската индустрија.
Продуктите произведени во рамки на оваа донација ќе бидат додадена вредност на активностите на организацијата кои што ги поддржуваат владите на САД и Кралството Холандија и Јавниот сервис, активностни на коишто се приклучува и АВМУ.
Истражувањата на ИРЛ во минатите пет години предизвикаа различни институционални домашни и меѓународни реакции, иницираа судски процеси, постапки пред обвинителството и Антикорупциската комисија, како и иницијативи за промени во институционалните протоколи, но и законодавството.
Програмата „Редакција“ копродуцирана од Македонскиот јавен сервис и ИРЛ, покажа дека медиумските продукти финансирани од државниот буџет можат да имаат двојно поголем поврат на инвестицијата од којашто ќе имаат бенефит сите граѓани на државата.
АВМУ ќе обезбеди континуирана поддршка на критични гласови на различни медиумски организации и во следната буџетска година, со цел подобрување на квалитетот на информациите и дистрибуцијата на квалитетни информации по примерот на европските држави. Во тие рамки ќе продолжат нашите заложби за институционална поддршка на новинарите и медиумските работници преку формирање на Фонд за медиумски плурализам, велат од таму.