Австралија ќе биде „затворена“ сѐ додека не бидат вакцинирани 70 отсто од популацијата

Австралија ќе се придржува до стратегијата за карантин во справувањето со епидемијата на коронавирусот сѐ додека најмалку 70 проценти од населението не биде целосно вакцинирано, но и потоа ќе мора да почне да живее со вирусот, рече во неделата премиерот Скот Морисон.

Земјата ден претходно постави рекорд со 914 нови случаи на коронавирус, што е најголем дневен број на новозаразени, додека јужните и источните сојузни држави Нов Јужен Велс, Викторија и главниот град Канбера останаа под строг карантин, пренесуваат британските медиуми.

„Не можете да живеете во карантин засекогаш, мора да го промените тоа во одреден момент, и тоа се случува кога 70 проценти од населението е вакцинирано“, рече Морисон во телевизиско интервју.

Заклучувањето е клучен елемент во стратегијата на федералната влада за спречување на пандемијата на коронавирус, се додека не се достигне нивото на вакцинација од 70 проценти, а границите постепено ќе се отвораат кога бројот на вакцинирани ќе се зголеми на 80 проценти.

„Заклучувањето не е одржлив начин за решавање на проблемот со вирусот и затоа мора да достигнеме 70 и 80 проценти од вакцинираните, за да можеме да почнеме да живееме со вирусот“, додаде премиерот Морисон.

Во Австралија, која има 25 милиони жители, околу 60 отсто од населението во моментов се наоѓа во карантин.