Австралија ќе овозможи вакцинација против големи сипаници, откако заразниот вирус на мајмунски сипаници е регистриран во 12 земји во светот, а оваа земја бележи три нови случаи.
Водечкиот австралиски епидемиолог и експерт за Ковид, д-р. Норман Свон во коментар за ширењето на инфекцијата со мајмунска сипаница рече дека не се работи за лесна болест, а тоа особено се однесува на ранливите луѓе, пренесува Дејли Мејл.
Стапката на смртност е околу 1 процент и тој го повтори претходниот став на светските експерти дека постоечката вакцина против големи сипаници има висока стапка на успех.
Сипаниците имаат долг период на инкубација од дури две недели, па можно е вирусот несвесно да се пренесе на други луѓе, посочува епидемиологот. Контактниот мониторинг, како оној што се користи за забавување на ширењето на коронавирусот, е клучен и во борбата против оваа епидемија.
Во австралискиот случај, како и во повеќето случаи евидентирани досега, вклучени се членови на хомосексуалната заедница.
Агенцијата на ОН против ХИВ/СИДА во неделата го осуди „хомофобичното и расистичкото“ известување за ширењето на мајмунските сипаници. Тие посочуваат дека вината неоправдано им се наметнува на лицата со африканско потекло и на припадниците на ЛГБТ заедницата.
Досега, 92 случаи на мали сипаници се пријавени во светот во 12 земји, каде што вирусот вообичаено не се наоѓал, а значителен дел од пријавените случаи штотуку се идентификувани кај хомосексуалците, бисексуалците и други мажи кои имале секс со мажи. УНАИДС нагласува дека ризикот од инфекција не е ограничен само на мажите кои имаат секс со мажи и дека болеста може да влијае на секого. „Стигматизацијата и чувството на вина ја поткопуваат довербата и способноста ефективно да се одговори на епидемијата“, велат од таму.